Трилер меч за историја: Питлик го одведе Одензе во четврт-финалето на ЛШ

Одензе и Копенхаген го одиграа клучниот меч за 4. позиција во групата 1 од Лигата на шампионите во женска конкуренција. Во многу тежок и израмнет натпревар домашниот состав во финишот успеа да слави многу важна победа, а конечниот резултат беше 25:23. Поранешниот тренер на Вардар, Јан Питлик го препороди данскиот тим, кој за првпат во клупската историја обезбеди нокаут-рунда во најелитното натпреварување, и тоа во директен дуел со шампионот на Данска.

Гостинките од Копенхаген подобро го почнаа натпреварот и веќе во 10. минута имаа предност од три гола, 6:3 што беше аларм за тренерот на Одензе, Јан Питлик да го повика првиот тајм-аут, кој имаше позитивна реакција. Домашната екипа се врати резултатски и со серија од 4:0 го презема водството. На полувреме се отиде со водство на Одензе од 13:11.

Во второто полувреме двете екипи го менуваа водството, но ниту една не успеа да направи поголема предност од два гола. Во финишот Копенхаген влезе со предност од 23:22, но составот на Одензе беше поприсебен во клучните моменти и со серија од 3:0 во последните пет минути ја обезбеди победата. По звукот на сирената ракометарките на Одензе победата ја прославија многу емотивно.

Најефикасна во тимот на Одензе беше Трине Јансен со постигнати пет погодоци од кои четири од седмерец, додека во противничкиот состав Кели Дулфер постигна шест погодоци.