Темелковски најавува битка на Пролет за пласман во плеј-оф

Илија Темелковски тренерот на Пролет се наоѓа пред нов голем и во новата сезона ги има зголемено апетитите во однос на минатата сезона кога не успеа да дојде до место во плеј-оф групата. Сега скопскиот тим сака да се вмеша во борбата за првите четири места во регуларниот дел, а потоа да разигруваат со Вардар и со Металург.

„Нашата цел во оваа сезона е да се избориме за пласман на 4. место. Пелистер, Охрид и Работник се пред нас и тие се главните кандидати за првите три места. Ние заедно со Прилеп, Борец и Радовиш ќе бидеме во борба да дојдеме до последното место кое води во разигрувањето за титулата и излез во Европа“, коментираше Илија Темелковски, тренерот на Пролет.

Неговиот тим  игра далеку подобро на свој терен и дека во Скопје тешко дека некој ќе успее да освои бодови доколку сите играчи бидат во состав и подготвени максимално за игра.

„Јасно е дека ќе мораме да бараме бодови и надвор, но евидентно е дека тешко ќе се освојуваат бодови во Охрид и во Битола, а на другите терени можеме да дојдеме до поени. Мислам дека и другите екипи можеме да ги победиме и дома и надвор. Борбата за 4. место, сепак, ќе ја одлучи тоа кој тим ќе освои бодови против Пелистер, Работник и Охрид“.

Средбата одиграна против Пелистер која беше последна во серијата контроли покажа проблеми во играта, а Темелковски оправдано е незадоволен.

„Не можам да бидам задоволен од она што го одигравме против Пелистер. Ова ни е шести тренинг натпревар во подготвителниот период. Место во нагорна линија ние играме падни-стани. Играме променливо, а тоа можеби се должи и на ротацијата. Уште немаме изграден став во однос на играта одбрана-напад. После шест натпревари не можеме да се стабилизираме и не ја знаеме вистинската форма и игра. Се надевам дека во следните денови до почетокот на првенството ќе поправиме некои работи во однос на пристапот и на играта. Примаме многу голови. Не е само да се правдаме дека немаме голман. И Коруновски и Кимевски ни се повредени и во моментов третиот голман стана прв, па евидентно е дека имаме намален број на топки. Се знае колку голманот значи за ракометот. Мораме да ја поправиме одбраната. Примивме 35 гола од Пелистер, а и на турнирот во Прилеп примавме над 30 гола. Тоа е многу. Немаме таков напад за да дадеме 40 гола за да забележиме победа“.

Во тимот дојдоа неколку ракометари, а последниот од нив потпиша пред само неколку дена.

„Манасков се приклучи доцна. Загуби поголем дел од подготовките и е 25 дена зад другите. Не можеме на почеток да чекаме многу од него. Јовчевски е засилување за нас. Трајковски на лево крило е тука за да покриеме нешто што можеме. Најосетливо ни е голманското место и мораме да бараме подобро решение доколку голманите не ни бидат подготвени. Кимевски ќе почне од понеделник, но ќе видиме колку ќе може“.

Забележливо е и тоа дека играта која што ќе ја форсира Пролет сезонава нема да биде со шутеви од далечина.

„Ние никогаш не сме имале високи бекови. Нашата игра не е да разбиваме одбрана со шутеви од надвор. Ние одиме кон тоа да имаме брз напад и да создадеме шанса од 6-7 метри, да одиграме ситуација за вишок или за пикер“, рече Темелковски.