Текстилец во возбудлив дуел ги сочува бодовите дома

Екипите на Текстилец и Ринија го отворија плеј-аутот во Првата машка лига, а овој натпревар донесе најголема неизвесност кога е во прашање победникот. Домашните на крајот се радуваа на победа која беше обезбедена со 31:29.

Во изедначен натпревар двата состава наизменично го менуваа водството за на полувремето екипата на Текстилец за замине со предност од 15:13. Составот на Риниа во ниту еден момент од натпреварот не се откажа, но немаше сили резултатот да го сврти во своја полза. Причина за тоа е кратката клупа бидејќи настапија со само осум играчи. Во финишот на натпреварот комплетно попуштија што Текстилец го искористи на најдобар начин кога направи недостижна предност од пет погодоци.

Меѓу штипјани најмногу се истакна Васе Петров кој ја водеше својата екипа до победата и постигна десет голови. Кај поразениот состав на Риниа девет погодоци имаше Бојан Марковски, но и тоа беше премалку да се избегне пораз. Во следното коло Текстилец гостува кај Младост во Богданци додека Риниа М ќе го пречека Партизан.

ТЕКСТИЛЕЦ – РИНИА М              31:29 (15:13)

Сала: ОУ „Тошо Арсов“ во Штип. Гледачи: 100. Судии: Роберт Пановски и Божидар Димитриевски од Велес. Делегат: Благој Петров од Велес.

ТЕКСТИЛЕЦ: Миланов, Кипријановски, М. Петров, Ристов 1, Трајчев 1, Хаџиниколов 2, Трајков 7, Митрев, Сичков 3, Рунчев, В. Петров 10, Крстев 4, Радев, Трајковиќ 1, Попов 2.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 8 мин.

РИНИА М: Трајчевски, Енес Мемеди, Марковски 9, Емини 4, Идризи 2, Исмаили 6, Енис Мемеди 4, Маневски 4.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 6 мин.