Талески: Одбраната ќе го одлучи победникот во Чешка

Македонската ракометна репрезентација забележа победа над Украина (27-21) на стартот од квалификацискиот цисклус за пласман на ЕП во Хрватска 2018. Избраниците на Лино Червар ја совладаа селекцијата на Украина која важи за аутсајдер во групата, а младиот бек на репрезентацијата Филип Талески имаше свое видување за натпреварот.

Филип Талески –  „ Уште пред почетокот на натпреварот со Украина изјавив дека мора да бидеме подготвени за секој натпревар. Очекувавме полесен натпревар, но ете се случи тоа да се мачиме до 55-тата минута.  Многу се истрошивме вечерва, ќе треба добро да се одмориме овие неколку дена и квалитетно да се подготвиме за Чешка бидејки таму нè очекува навистина тежок натпревар. Украинците не нè изненадија вечерва, ние имавме многу грешки, промашени зицери и недостатоци во играта и тука беше разликата за да се мачиме цел натпревар “

На прашањето што може да се промени овие неколку дена за да се подобри квалитетот на играта пред натпреварот со Чешка, капитенот на Металург изјави :

Филип Талески – „ Овие денови ќе работиме на намалување на грешките за во Чешка да одиме спремни и да не дозволиме да нè изненадат со нивната игра.  Мислам дека вечерва одбраната можеше да одигра подобро и за во Чешка мислам дека токму таа ќе го одлучи победникот. Чесите имаат гранитна одбрана, па ќе мора и ние да бидеме поподготвени во тој дел и максимално и без опуштање да влеземе во тој дуел “