Талески и Рајн Некар ја завршија сезоната

Талески доби шанса за игра во рамките на последното коло од Бундес лигата. Нашиот репрезентативец помина солдино време на паркетот, но не се прослави и даде само еден гол од седум обиди. Тој со својот Рајн Некар Левен за противник го имаше Лајпциг кој обезбеди победа од 28:26.

Рајн Некар Левен има сигурен пласман во Купот на ЕХФ за следната сезона па оттаму нивниот тренер, Николај Јакобсен им даде поголема минутажа на оние играчи кои играа помалку во клучниот дел од сезоната. Истото Лајпциг добро го искористи и стигна до голема радост.

Лајпциг играше на свој терен и беше силно мотивиран сезоната да ја заврши со победа. Натпреварот започна изедначено и долг период се играше гол за гол. Првото одвојување, го направи домаќинот кој во 26. минута се стакна со три гола предност, а полувремето го доби со 14:11.

Домаќинот во вториот дел влезе со два гола еден по друг и набрзо стигна до плус пет. Јаник Колбахер возврати со гол, но Лајпциг одново даде два гола во низа и стигна до плус шест. Иако Рајн Некар Левен стигна до минус два, не успеа целосно да се врати во игра.

Сепак, домаќинот се стекна со преголема предност која не ја испушти и ја заврши сезоната со дигната глава. Филип Вебер со десет гола беше најзаслужен за триумфот, додека Андреас Роjевски му се придружи со шест. Опасноста кај Рајн Некар Левен дојде од Гудјон Сигурсон кој беше стрелец на 11 гола. Лајпциг обезбеди опстанок, додека „лавовите“ во следната сезона ќе се натпреваруваат во Купот на ЕХФ.