Струга 2018: Целје со највисок рејтинг доаѓа како фаворит за трофејот

Тимот кој доминира во првенството на Словенија и во 25 сезони има освоено дури 22 титули, Целје годинава ќе го крене нивото на квалитетот на Струшкиот турнир. Тоа е вториот тим кој ќе игра во Лигата на шампионите и ќе настапи во Струга, а ќе игра во групата со ПСЖ, Пик Сегед, Флензбург, Скјерн, ППД Загреб, Мотор и Нант.

На Струшкиот турнир, Целје ќе биде во иста група со тимовите на Бешикташ, Тулуз и Е. Работник и тука се гледа на овој тим како фаворит за првото место.

Пред овој турнир ракометарите на шампионот на Словенија одиграа неколку пријателски натпревари против составите на Саудиска Арабија, Констанца, Мешков Брест и СКА Минск, а првиот тест во Струга ќе биде против нашиот Е. Работник кој ќе се обиде да ги замрси сметките на најквалитетниот тим од Словенија.

Целје е клуб кој има богата традиција, а тоа се должи на фактот што тимот од неговото формирање до ден денес успеа да освои 22 титули во Првата лига на Словенија, 21 титули во домашниот куп , а успеа и да го крене трофејот од Лигата на шампионите во сезоната 2003/04. Се работи за состав кој е познат по одличната работа со своите млади ракометари, а ваквата политика ја води веќе 70 години и токму ова го издигна Целје од не толку звучно име во нивните почетоци до тим кој има висок европски и светски лауреат.

Целје е еден од двата тима кои ќе играат во Струга, а се дел од Лигата на шампионите

Клубот летово го напуштија неколку ракометари. Си заминаа: Урбан Лесјак (Хановер), Борут Мацковшек (Веспрем), Жига Млакар (Висла Плоцк), Иван Слишковиќ (Гепинген), Матиц Сухолежник (Данкерк), Лука Митровиќ (Сесон Рен). Ново име е левиот бек Драшко Ненадиќ.

На турнирот во Струга првиот меч ќе го одигра против Е. Работник уште в среда од 21 часот. Потоа во истиот термин в четврток противник е составот на Тулуз, додека в сабота од 19:15 часот како вовед за Супер купот на Македонија е пресметката со екипата на Бешикташ.

СОСТАВ

ГОЛМАНИ: Клемен Ферлин, Аљаж Пањтар

ЛЕВИ КРИЛА: Тилен Кодрин, Давид Разгор.

ДЕСНИ КРИЛА: Јан Јуречиќ, Гал Маргуч.

ЛЕВИ БЕКОВИ: Даниел Душебаев, Драшко Ненадиќ, Јосип Шарац.

СРЕДНИ БЕКОВИ: Домен Макуц, Јака Малус, Рок Овничек.

ДЕСНИ БЕКОВИ: Матиц Грошељ, Бранко Вујовиќ.

ПИКЕРИ: Игор Аниќ, Кристијан Беќири, Кристијан Хоржен.

ТРЕНЕР: Бранко Тамше.