Струга 2018: Силните ривали се гаранција за добра проверка за Тулуз

Со не толку звучни имиња во екипата, но со силни адути е краткиот опис на Тулуз кој годинава своето воигрување за новата сезона ќе го има на игралиштето на „Женската плажа“ во Струга. Последниве неколку сезони овој тим речиси тапка во место и неколку години по ред е на средината на табелата во Првата лига на Франција каде се соочува со силни ривали.

Екипата на Тулуз своите почетоци на постоење ги има во далечната 1964 година, а своите први чекори во најсилното друштво во Франција ги прави во 1978 година и во својата историја може да се пофали со освојување на еден Куп на Франција, освоен во 1998 година како и повремени подеми и падови на табелата во Првата лига на Франција каде во претходната сезона го освои 7. место.

За следната сезона, тренерот на тимот, Филипе Гарден се соочува со неколку промени во ростерот. Донесени беа пет играчи, а заминаа тројца. Шведскиот репрезентативец Маркус Олсон го засили Скјерн, а си заминаа и Јакобсен и Бонефо. Од засилувањата најзвучни имиња се Фредрик Петерсон и Каспер Кисум. Покрај овие двајца доведени беа и Сирил Моренси, Владимир Перишиќ и Ромаин Тернел.

Своите домашни натпревари Тулуз ги игра во спортската сала „Андре Бруат“ која има капацитет за 3500 гледачи. Покрај за ракомет оваа сала се користи и за одбојка. 

Местото за што повисок пласман на Струшкиот турнир  Тулуз ќе го брка во првата група во која се наоѓаат исто така и Целје, Бешикташ и Е. Работник. Првиот меч Тулуз ќе го одигра против Целје овој  четврток во 21 часот, додека в петок во исто време силите ќе ги одмерат со Бешикташ. Во сабота, Французите одат на мегдан со Е. Работник кој ќе биде последен тест за избраниците на Филипе Гарден, а овој дуел се игра во 17:30 часот.

СОСТАВ

ГОЛМАНИ: Јасине Идризи, Владимир Перишиќ

ДЕСНИ КРИЛА: Феран Соле, Пјерик Челе

ЛЕВИ КРИЛА: Немања Илиќ, Гаел Трибиљон

ДЕСНИ БЕКОВИ: Рафал Пржибилски, Ромаин Тернел

ЛЕВИ БЕКОВИ: Сирил Моренси, Каспер Кисум, Арнау Гарсија

СРЕДНИ БЕКОВИ: Максим Жилберт, Алваро Руиз Санчез

ПИВОТИ: Џордан Бонилаури, Фредрик Петерсон.