Струга 2018: Железничар и Вујо со шанса за докажување

Екипата која некогаш беше меѓу прволигашите во поранешна Југославија, конечно успеа да го најде вистинскиот пат кон височините и добрите резултати. Железничар во минатата сезона покажа дека веќе го трасираше патот кон успехот, а со ангажирањето на Веселин Вујовиќ јасно е дека екипата доби и на уште поголема афирмација.

Железничар од Ниш силите ги тестираше во два натпревари со Металопластика во кои беше успешен и со две победи доаѓа во Струга со цел новокомпонираниот состав да се воигра подобро и да забележи успеси во новата сезона. Клубот имаше бурно трансфер лето каде што купуваше многу и со самото тоа Железничар може да биде вистинското изненадување во сезоната што претстои.

Тимот на Железничар своите почетоци ги има во далечната 1949 година под името Ниш Петрол Железничар. Првите успеси овој тим ги забележува во 1953 и 1954 година кога станува вицешампион на Југославија. Од 1964 до 1974 тимот бележи повремени падови што резултираат со испаѓање во Втората лига на Југославија и тоа неколкупати, но веќе од следната година успева да се стабилизира и да ги проживее неколкуте златни години кои го достигнуваат својот максимум во 1978 година кога Железничар игра финале на Купот на победниците на куповите кое го губи.

Следните десетина години Железничар успева да се одржува меѓу најдобрите екипи во Југославија и овој позитивен биланс трае до крајот на 20. век кога почнуваат и најтешките години за Железничар. Почетокот на 21. век носи и низа на неуспеси сведени главно на проблеми со клупскиот буџет. Едно испаѓање од Првата лига на Србија го вклуч алармот и од 2011 година па наваму екипата со нов буџет и големи реконструкции полека се враќа на стариот пат.

Традицијата на тимот е важна алка за нишлии, а таа е изградена уште во времето на Југославија, период во кој тимот успеа да освои пет титули во купот, а по распаѓањето на Југославија, Железничар освои две титули во Купот на Србија, една во 2014 и една во минатата сезона. Од оваа сезона нов тренер на екипата е Веселин Вујовиќ кој со секое доаѓање во нов тим носи голема динамика и огромен напредок. Спортскиот центар „Чаир“ е салата каде екипата ги игра домашните натпревари и е местото кое може да понуди големи успеси во иднина. Во Купот на ЕХФ, Железничар ќе се соочи со Керјенг од Луксембург, а ако ја мине оваа препрека патот ги води во Белгија на двобој со Ахил.

Со екипата на Железничар на подготовките беше и голманот од Македонија, Даниел Дупјачанец. Сепак, тој заздравува од повреда и уште не е сигурно дали ќе биде подготвен за настап.

Својот прв натпревар на Струшкиот турнир Железничар го игра утре против домаќинот и тоа на отворањето од 17:30 часот. Потоа следува дуел против Алингсас в четврток од 19:15 часот, додека последниот меч од Група 2, Железничар ќе го одигра против Констанца в петок со почеток од 19:15 часот.