Струга 2018: Е. Работник на предизвик од Лигата на шампионите

Од четирите екипи кои ќе настапат на Струшкиот турнир, а следната година ќе играат во Купот на ЕХФ, само Е. Работник има директно место во 3. рунда. Тимот од Битола е еден од најмладите клубови во Македонија, а формиран е во 2011 година.

За седум години постоење составот на Е. Работник успеа да постигне добри резултати. Во 2017 година играше во финалето на Купот на Македонија, а минатиот септември и во Супер купот на Македонија. Во двата меча загуби од Вардар.

Минатата сезона, Е. Работник ја финишираше на 3. позиција во Супер лигата. Тоа го однесе тимот во Купот на ЕХФ. Во новото првенство влегува со далеку поголеми амбиции и цели кон тоа да го симне Металург од 2. позиција. Ќе биде тешко да се оствари оваа мисија, но го донесоа амбициозниот тренер од Србија, Ѓорѓе Чирковиќ, додека досегашниот Илија Темелковски го поставија за координатор.

Од минатата година во тимот веќе ги нема Златко Мојсоски, Дарио Петровски, Рати Мскхивилдзе и Јевхен Умовист. Затоа дојдоа четири нови ракометари. Засилувањата на Е. Работник се: Милан Ѓукиќ (Железничар), Никола Ивановиќ (Црвена Звезда), Никола Маркоски (Орошази) и Благојче Трајкоски (Охрид). Од младинскиот состав во првиот тим беше прекомандува Димитриј Блажевски.

На годинешниот турнир во Струга Е. Работник има тим со кој ќе влезе во битка со секого

Тимот на Е. Работник на годинешното издание на Струшкиот турнир е во потешката група каде се наоѓаат двете екипи што во новата сезона ќе се натпреваруваат во Лигата на шампионите. Ривали се Целје, Бешикташ и Тулуз. Според распоредот Е. Работник денеска ќе ги одмери силите со тимот на Целје од 21 часот.

Следниот меч е утре од 17:30 часот, а противник е тимот на Бешикташ, додека последниот дуел од групната фаза е во истиот термин в сабота. Ривал ќе биде составот на Тулуз.

СОСТАВ

ГОЛМАНИ: Благојче Трајкоски, Градимир Чаневски, Филип Ивановски

ЛЕВИ КРИЛА: Гоце Ојлески

ДЕСНИ КРИЛА: Милан Ѓукиќ

ЛЕВИ БЕКОВИ: Дејан Пецаковски, Стефан Дрогришки, Милорад Кукоски

СРЕДНИ БЕКОВИ: Горан Кузманоски, Филип Чурлевски, Горан Крстевски, Стефан Талевски.

ДЕСНИ БЕКОВИ: Михајло Петровски, Никола Ивановиќ, Димитриј Блажевски.

ПИВОТИ: Игор Трајковски, Никола Маркоски, Елмир Граџан, Фарук Мемиќ.