Струга 2018: Доброгеа Суд Констанца во одличен ритам пред Струшкиот турнир

„Македонскиот“ клуб од Романија, Доброгеа Суд Констанца доаѓа во Струга со желби за успеси и добри подготовки. Момците на Звонко Шундовски на Струшкиот турнир ќе ги полнат батериите за новата сезона и ќе ја креваат формата, која е задоволителна засега. Екипата е актуелен освојувач на Купот на Романија, а големата цел за следната сезона ќе биде титула во лигата која ја немаат освоено четири години.

На Струшкиот турнир екипата на Констанца се наоѓа во втората група заедно со Струга, Алингсас и Железничар. Својот прв натпревар на турнирот го имаат утре од 19:15 часот кога Констанца се среќава со Алингсас. Потоа следува еден ден пауза, за во петок од 19:15 часот Шундовски да се сретне со својот одличен познаник Веселин Вујовиќ и да игра против тимот на Железничар. Последниот натпревар го играат во сабота во утринските часови против Струга (10:00 часот)

Покрај тоа што на клупата во тимот на Доброгеа Суд е поранешниот селектор на Македонија, Звонко Шундовски, таму има и двајцата актуелни репрезентативци и еден поранешен. Боите на Доброгеа Суд ги бранат голманот Никола Митревски и еден од најдобрите дефанзивци Велко Маркоски. Во клубот е и Бранислав Ангеловски, кој ја има улогата на спортски директор, а и самиот беше играч на оваа екипа до скоро време.

Констанца е клуб кој постои од 2002 година. Првиот успех го направи во сезоната 2003/04 кога првпат дојде до титулата во Првата лига на Романија. Една сезона подоцна ги проживува првите моменти во најелитното европско натпреварување кое го завршува неславно со испаѓање од групната фаза. Од нивните почетоци до денес Констанца успеа да освои девет трофеи во лигата, седум трофеи во купот, а во 2014 година заврши на 4. место на плеј-оф турнирот во Купот на ЕХФ.

Од 2015 година клубот има ново име и се вика Доброгеа Суд. Иако формално е наследник на претходниот клуб, сепак, правно овој клуб се води дека е формиран во 2015 година.

СОСТАВ

ГОЛМАНИ: Никола Митревски, Дан Василе, Вjачаслау Салдаценка

ДЕСНИ КРИЛА: Јонут Нистор, Лаурентиу Тома

ЛЕВИ КРИЛА: Венцел Чог, Георги Буричеа

ДЕСНИ БЕКОВИ: Дејан Малиновиќ, Никола Црноглавац

ЛЕВИ БЕКОВИ: Иракли Чиковани, Стеван Вујовиќ, Велко Маркоски

СРЕДНИ БЕКОВИ: Јанко Кевиќ, Далибор Чутура, Немања Младеновиќ, Сабин Игнат

ПИВОТИ: Александру Попа, Зоран Николиќ, Мариус Мокану