Струга 2018: Бешикташ доаѓа по ново финале на „Женска плажа“

Минатогодишниот финалист на Струшкиот турнир, Бешикташ, доаѓа и годинава на далеку посилниот турнир во Струга, а на него пристига како актуелен шампион на Турција. Во последните десет години постојано е со трофејот во домашниот шампионат, а истиот го има освоено веќе 14 пати. Покрај тоа има и 13 титули во Купот на Турција и уште 11 во Супер купот на Турција.

Ракометниот тим на Бешикташ е создаден во 1978 година, а е дел од големото спортско друштво „Бешикташ“, кое постои уште од 1903 година. Овој состав беше учесник на Струшкиот турнир и минатата година. И тогаш во своите редови го имаше репрезентативецот на Македонија, Немања Прибак, кој и годинава ќе биде еден од играчите од кои се очекува да бидат носители на играта.

Во составот на Бешикташ годинава ќе го нема Филип Лазаров, кој е еден од тројцата ракометари што си заминаа од екипата. Тој се пресели во Ратинген од Германија, додека Михајло Радојковиќ во следната сезона ќе го носи дресот на Дунареа Калараси, а Фарук Вражалиќ на ЦСМ Букурешт. Единственото ново име е Црногорецот Марко Ласица кој дојде од составот на Политехника Темишвар.

Минатата година Бешикташ загуби во финалето на турнирот од составот на Шарт од Франција со 26:29, а и годинава се надева дека ќе може да дојде до ново финале. Сепак, групата е тешка, а во неа се Целје, Тулуз и Е. Работник.

Бешикташ минатата година играше во финалето на Струшкиот турнир

Екипата е предводена од Муфит Арин, а игра во салата „Сулејман Себа“ во Истанбул, која има капацитет од 1500 гледачи. Овој тим трета година по ред ќе настапува во Лигата на шампионите, а втора ќе биде противник на Металург во групната фаза.

Првиот натпревар на Струшкиот турнир тимот на Бешикташ ќе го одигра в четврток од 17:30 часот, а противник ќе биде Е. Работник. Потоа в петок од 21 часот ривал е Констанца, додека в сабота е последниот дуел во групната фаза против Целје од 21 часот.

СОСТАВ

ГОЛМАНИ: Мехмет Догукан Каратај, Танер Гунај, Карим Хандави

ЛЕВИ КРИЛА: Томислав Нуиќ, Мијо Томиќ

ДЕСНИ КРИЛА: Догукан Кесер, Марко Ласица

ЛЕВИ БЕКОВИ: Јосип Буљубашиќ

СРЕДНИ БЕКОВИ: Немања Прибак, Марко Крсманчиќ, Онур Есин

ДЕСНИ БЕКОВИ: Рамазан Доне

ПИВОТИ: Мехмет Демирезен, Толга Озбахар