Струга 2018: Алингсас и годинава носи скандинавски шмек на Струшкиот турнир

Со оглед на тоа што Кристијанштад е тимот кој доминира во шампионатот на Шведска, Алингсас не може да се пофали со некои посебно добри резултати во последните години. Покрај тоа се работи за тим кој не може да се пофали со богата историја, но затоа може со големиот напредок особено во минатата сезона кога со домашни играчи успеаја да се избори за место во Купот на ЕХФ.

Овој состав летово успеа да одигра неколку средби од пријателски карактер, а своето ново доаѓање на Струшкиот турнир ќе се обиде да го изработи максимално добро за што поуспешно да изигра во новата сезона.

Алингсас е формиран во 1973 година, а најголемите успеси ги доживува последниве неколку години со пласмани во финалиња во плеј-оф натпреварите кои не успеваат да ги добијат поради квалитетот на Кристијанштад. Единствените две титули кои тимот на Алингсас ги освои во домашниот шампионат дојдоа во 2009 и 2014 година.

Екипата е составена само од домашни ракометари кои ги води тренерот, Микаел Францен. Домашните натпревари тимот на Алингсас ги игра во „Естрад Алингсас“ салата која има капацитет за 2800 гледачи и е официјална сала на тимот од 2013 година. Овој состав нема европско искуство, но може да се покаже како тврд орев за своите противници од втората група.

Првиот меч на Струшкиот турнир тимот на Алингсас ќе го одигра веќе утре од 19:15 часот против екипата на Констанца. Потоа во истиот термин ќе игра и в четврток против Железничар, додека в петок од 17:30 часот ќе ги одмери силите со екипата на Струга.

СОСТАВ

ГОЛМАНИ: Рикард Фриск, Густав Скагерлинг

ЛЕВИ КРИЛА: Андреас Берг, Мишелс Лиаба

ДЕСНИ КРИЛА: Самуел Линдберг, Андреас Флодман

ЛЕВИ БЕКОВИ: Фелиикс Клаар, Тобиас Сандберг, Андерс Алфредсон

ДЕСНИ БЕКОВИ: Јохан Нилсон, Ерик Андреасон

СРЕДНИ БЕКОВИ: Фредрик Теерн, Гунар Бодин, Вилијам Андерсон Моберг

ПИВОТИ: Александер Раин, Никлас Баруд