Струга е полна со ракометни ѕвезди: Сè е подготвено за старт

Струшкиот турнир почнува денеска со натпреварот меѓу Струга и Железничар од 17 часот. Овие две екипи имаат чест да го отворат турнирот, а тоа ќе биде интересна средба на која покрај аут линијата ќе застанат двајца добри познаници и пријатели, Андон Бошковски и Веселин Вујовиќ.

Легендата на светскиот ракомет, Вујовиќ во свој стил коментираше пред почетокот на средбите.

„Чест ми е што ќе имам можност со својот клуб да бидам дел од овој турнир. Доне кажа дека ова е 46. издание на овој турнир, а тоа е навистина многу. Јас првпат дојдов тука некаде кога се организираше седмиот турнир. Многупати сум бил тука и се чувствувам како дома. Драго ми е што повторно ќе можам да бидам дел од овие натпревари, а сигурен дека ќе се гледаме и во следните години“, коментираше Вујовиќ.

Вујо е секогаш подготвен да помогне

И Швеѓаните ќе имат можност повторно да бидат тука бидејќи и претходно играа на овој турнир.

„Бевме тука и во минатите години. Имаме одлични впечатоци. Ова е турнир со голема традиција. Годинава има одлични екипи и ќе има одлични натпревари. Очекувам да биде виден добар ракомет. Има шест екипи кои следната сезона ќе играат во Европските купови“, коментираше Францес.

Новиот стратег на Е. Работник, Ѓорѓе Чирковиќ ќе ја има првата контрола со новиот тим и затоа овие средби ќе му покажат на што ќе треба да работи во следниот период.

„Уште кога влеговме в о градот се почувствува одлична ракометна атмосфера и се мириса на одличен турнир. Ова доаѓа во незгоден момент за нас. Само 15 дена сме заедно. Работиме кратко време, но едвај чекаме да почнат натпреварите“.

Стратегот на Тулуз, Филип Гардан, пак, првпат доаѓа во Струга.

„Среќни сме и благодарни што ќе играме на овој турнир со големи екипи. За нас ова ќе биде одличен тест за да видиме до каде сме во моментов. Ова ќе ни бидат први натпревари кои ќе ги играме во подготвителниот период“.

Целје, пак, првпат ќе има шанса да види како е да се игра ракомет на отворено и како ќе биде да се биде дел од Струшкиот турнир.

„Драго ми е што екипа од Словенија доаѓа овде. Што се однесува до нас. Ние сме поинаков тим во однос на лани. Добивме нови лица и имаме време да видиме до каде сме. Имаме уште време до почетокот на првенството и до Лигата на шампионите и се надевам дека ќе имаме доволновреме за да ги отстрниме слабостите. Очекувам да имаме полни трибини и да видиме како е да се игра под ведро небо и се надевам дека ќе нема дожд“.

За денеска се предвидени три средби и свеченото отворање, а по три средби ќе има и утре и задутре. Финалето ќе биде в недела од 21 часот.