Стоилов: Ja оправдавме фаворитската улога, најважно е што не се истрошивме премногу

Македонската ракометна репрезентација ја запиша втората победа од својот втор одигран натпревар на СП во Данска и Германија. Планираните бодови против Бахреин се штиклирани по триумфот од 28-23, па сега преостанува нашите момци да се фокусираат на најтешката задача на СП а тоа се преостанатите три дуели против високо рангираните селекции на Шпанија, Хрватска и Исланд.

Стојанче Стоилов е човекот кој секогаш гине за репрезентативниот дрес и вистински пример за секој спортист како се сака својата држава. Според него Македонија денеска заслужено славеше, крајниот резултат е реален а најважно од се е што репрезентативците не се уморија премногу на овој натпревар.

” Бевме фаворити и пред натпреварот и ја оправдавме таа улога. Можеби некои мислеа дека треба да победиме со 10 голови разлика, но сепак ова е реален резултат. Не се истрошивме премногу, го контролиравме натпреварот освен падот од пет минути во кој ни направија серија од 5-0, но сепак успеавме да се вратиме по што се беше како што треба”.

На прашањето дали репрезентацијата е подготвена за својот следен предизвик кој се нарекува Хрватска, и минутите кои ги добиваат младите ракометари на ова СП Стоилов вели:

“Допрва ќе се подготвуваме за Хрватска. Што се однесува до младите ракометари драго ми е за нив, добро е заеднички да го делиме товарот кој го имаме ние поискусните бидејќи тоа е големо искуство за нив. Драго ми е што некој од нив се запишаа во листата на стралците само така нека продолжат.”- заврши Стојанче Стоилов.