СТАВ: „Министерската“ на Борко и срамот на РФМ

Значаен ден во историјата на македонскиот ракомет. По Стефче Алушовски и Ванчо Димовски, од македонскиот дрес се прости уште еден репрезентативец од најуспешната ракометна генерацијата, популарниот “Диви”.
Го сакале или не, веќе легендарниот Петар Ангелов-Диви остави значаен белег во македонскиот ракомет. Тежината на дваесетте години посветени на ракомет, се прелеја во конгресниот центар на “Јане Сандански”. Покрај бројните новинари, великанот во репрезентативна пензија го испратија великаните. Меѓу големците се појавија Алушовски, Мојсоски, Миркуловски, Стоилов, Манасков, Георгиевски, Раул Гонзалес, Горбок, Џамбо… Поддршка дојде од секаде, но не од РФМ. За нив не беа вредни 138 репрезентативни настапи. Времето на претседателот и генсекот е драгоцено и не се троши на вакви „безначајни“ работи. Не дојдоа ниту директорите, комесарите, секретарите, асистентите, никој од македонската куќа на ракометот.

Не го удостои ниту неговиот колега меѓу стативите, другарот со кој заедно ја бранеа мрежата на Македонија долги години, но затоа имаше време да се појави и да го „украде“ шоуто на друг настан.

Министерот ги надмина политичарите, застана пред гладните медиуми и во манирот на гласноговорниците на ЦИА во времето на Асанж, одговори:

„Не можам ниту да дeмантирам, ниту да потврдам за мое заминување од Рајн Некaр…“

Министерот секогаш бил побрз со зборовите, отколку со мислите, веројатно тоа е тајната на успехот. За лошите настапи криви се дежурните „плукачи“, а за добриот ден заслужен е министерот со херојски комплекс.

Како прв меѓу еднаквите „експерти“ посакувам господинот „зицер“ да ја одведе Македонија до Рио, затоа што на крајот на денот, може и мора да се премине и преку неговото его ако тоа е за доброто на македонскиот ракомет. Ќе се премине преку сите доушници и „пријатели“ кои навидум невино ја прераскажуваат својата вистина. А за почитта, таа треба да се заслужи и надвор од теренот!

Во очекување на новите „дневници од хотелските соби“ и останати мајстории од писателското перо на големиот колумнист, се читаме од Гданск.