СТАВ: И СЕГА ШТО?

Претстои бурен период во македонскиот ракомет. Чекоревме по најлесниот пат кон Рио, но Бразил испадна дека е подалеку отколку што очекувавме. А само замислете да игравме против Данска и Хрватска или Шпанија и Шведска, можеби тогаш поразите ќе болеа помалку…

Како да се продолжи понатаму по оваа шанса, како да се повратиме од олимпискиот кошмар. Сè уште ми одекнуваат зборовите на Бранко Ангеловски по Европското првенство во Данска.

Не бевме чисти и затоа Господ нè казни…

Не знам како на друг начин можете да ја објасните играта на Македонија, најсилната, најискусната, најквалитетната Македонија. Овој турнир беше сега или никогаш за најуспешната ракометна генерација, но заврши со никогаш. Поразот од Тунис ќе боли уште долго, а начинот на кој ја надигра Македонија ќе остане лекција која мора добро да се научи за да не се повтори.

Сè започна со финалето на Африканското првенство на кое Тунис беше буквално ограбен од руските судиски одлуки, бидејќи место на Олимпијадата мораше да има за земјата од каде потекнува претседателот на ИХФ. Темпераментите Тунижани не можеа да допуштат таква неправда, дел од репрезентативците ги нападнаа „виновниците“ за поразот, а сето тоа резултираше со суспензии за селекторот и голманите на Тунис.

Затоа во Гданск мораше сè да биде на врвно ниво, беа делегирани судии кои се сметаат за едни од најдобрите во светот и без разлика на непредвидените „болки“ во стомакот, Исланѓани или Данци, расположените Тунижани повторно ќе ја совладаа Македонија.

Се расчисти прашината од Гданск, се смирија страстите. Одговорност е зборот кој најчесто ќе се користи кога во прашање е македонскиот ракомет во наредниот период.

Некоја лоша аура ја прати ракометната куќа на Македонија веќе две години. Додека тие се трудат да докажат дека нешто работат, она што некогаш беше бренд во македонскиот спорт полека започнува да се распаѓа. Никој не можеше да прифати дека Македонија игра лошо уште од квалификациите за Катар. Грција беше единствениот „пациент“ меѓу бараж-репрезентациите која можеше да загуби од Македонија со таква игра.

Се случи Доха, го најавија како успех деветтото место во светот. Победа против Босна и Херцеговина, Австрија и истиот овој несреќен Тунис. Подарокот наречен шанса за Олимписки игри ни го овозможи Катар. Коцките полека се редеа, а Македонија никогаш посплотено не се радувала на една победа на Германија, како пред неполни три месеци, по полуфиналето на Европското првенство во Полска.

Избраниците на Обрван се сопнаа на последната пречка, а Хрватот кој две години леб јадеше од македонска фурна сега погачата ја нарече бајата. „Тоа ни биле можностите“ истакна тој, без да погледне какви „успеси“ остави зад себе. Есапот се прави на крај, а вредноста на големиот хрватски стратег ја чинеше Федерацијата европско, а сега и светско реноме.

Но Обрван не е крив, секој мисли дека е најдобар, па дури и по првенство без ниту една победа, сè додека некој не се охрабри и конечно му го покаже огледалото. На пат кон Рио репрезентацијата ја предводеше нов директор, ракометен „анонимус“ доколку го споредиме со ракометните величини кои можеа и требаа да седнат на клупата на Македонија. Чакаревски ќе го паметиме и по ангажманот на светски признат психолог, веројатно да ги утеши ракометарите по враќањето во Скопје, кога веќе не постигна ништо друго пред Гданск.

Приказната од Гданск немаше среќен крај, затоа се најавија оставки од оние кои навистина вложија сè и не сакаат повеќе, до оние кои куртоазно мораа да се вклопат во амбиентот што го создаде дебаклот од Полска. Претседателот беше меѓу оние „најавените“, но во рок од неколку часа по изјавата за истиот медиум каде пред два месеци истакна дека настапот во Краков бил успешен, овојпат својата оставка ја услови со милоста на управниот одбор. Дали тоа беше само стратегија или вистинските чувства на мецената на македонскиот ракомет ќе се знае по состанокот на управниот одбор, но намерно или случајно постапката на Мукаетов предизвика лавина рекации.

Од капитенот, па до последниот ракометен македонски фан, го предомислуваат претседателот да не го напушта македонскиот ракомет. И не треба, но мора да ја промени структурата и да ги проветри просториите на РФМ од оние кои на работа доаѓаат за троа муабет, кафе и цигари.

Поддршка стигна и од помалите македонските клубови, повеќето спонзорирани од општините. Сите ги величаат потезите на Живко, а ниту еден од нив не истакна што конкретно федерацијата направила за нивните клубови. Дали се запрашале колку младински или сениорски репрезентативци потекнуваат од школите на Прилеп, Пролет, Охрид… Дали РФМ ќе биде идиличен ако останат без поддршката од општинскиот буџет? Колку ќе ја величаат организацијата на ракометната куќа ако им се случи Макс Струмица?

Занесени во колективниот транс по катастрофата наречена Гданск, низ глава ми се провлекува една мисла. Зошто на најодговорната позиција во федерацијата е ставен лик кој не разликува одбојкарска од ракометна топка, лик чии квалификации се фамилијарните врски со претседателот, лик чија задача беше да го подигне нивото на македонскиот ракомет, а каде сме сега?

Никој не се запраша која беше идејата зад „Вуги“ на најсилната позиција во македонската репрезентација или српскиот бек со исти ако не и послаби предиспозиции како Миркуловски или Мојсовски?

Зошто не се инвестираше во најранливата голманска позиција или бар не се освежи местото со некоја нова македонска статива? Ниту некој го спомена квалитетот на Обрван чија авантура на клупата во Загреб траеше пократко од надежта на македонските ракометари во дуелот со Тунис. Хрватот го напушти „достоинствено“ кормилото на Македонија и ни посочи дека толку ги бивало ракометарите од истата таа репрезентација која ја наследи како петтопласирана во Европа 2012 година.

Работата на Федерацијата не застанува со машката ракометна репрезентација, нашиот претседател не треба да даде оставка, бидејќи неговата функција е повеќе церемонијална, тој е мецена и најголемиот донатор во еден македонски спорт. Но мора и треба да се заниша столчето на оној кој директно одговара за постапките на РФМ, оној кој треба да ги насочи финансиите на вистинските места, генералниот секретар. Затоа што на македонскиот ракомет му се потребни луѓе на кои ракометот им е во сржта, кои ќе донесат нови идеи и нов правец, кои ќе знаат да ислушаат и ценат и туѓо мислење без разлика дали се согласуваат или не. Потребни се повеќе дела, повеќе ентузијазам, повеќе работа или кога е во прашање сегашниот „генсек“ малку работа за состојбите да започнат да се придвижуваат кон подобро, бидејќи македонскиот ракомет се тркала кон своето дно.

Иднината ја создаваат два скопски клуба, а останатите екипи живуркаат во лига која може да се спореди со земји од „Купот на нациите“. Македонската сениорска репрезентација нема вистински да преживее доколку заминат Мојсовски и Миркуловски, зошто нема кој да ги замени. Но наместо цела нација да ги замоли да издржат уште некоја година и да им помогнат на младите да ги превземат конците во своите раце, за што побезболна промена на генерациите, Македонија колективно тагува единствено по чуварот на азното.

Само за потсетување Македонија немаше чартер за Светското првенство во Шпанија, ниту екстра услови во спортскиот центар „Јане Сандански“ кога го совлада Исланд во 2008, немаше ниту луксузна спортска опрема за Европското првенство во Србија, а резултатите беа идентични  и подобри од денешните.

Зошто е тоа така ќе оставам да одговорат помудрите. Постојат милион прашања, но во овој момент најважен е одговорот на едно „И сега што?“