Спуштена завесата на 20-то издание на „Еуроторнаи“: Противниците на Металург и Вардар во ЛШ го одиграа финалето

Во француското финале на престижниот интернационален ракометен турнир „Еуроторнаи 2014“, кое се одигра во Стразбур, Франција, екипата на Париз Сент Жермен убедливо ја совлада екипата на Монпелје со 32-24, за вториот едноподруго трофеј на „Еуроторнаи“.
ПСЖ до финалето стигна совладувајќи ги катарски Ел Џаиш (37-25) и Чековски Медведи (32-22). Екипата на Монпелје имаше потежок пат, на првиот натпреварувачки ден, го победи Шамбери (29-23), за во големото дерби од третиот ден, во атрактивен, неизвесен и возбудлив натпревар да го совладаат полскиот шампион Киелце со резултат 34-33.
Во борба за третото место Киелце го совлада рускиот шампион Чековски Медведи со 36-31, додека Шамбери го избегна последното место со минимална победа над Ел Џаиш 28-27.
„Еуроторнаи“ се организира по дваесети пат, шеснаесет изданија на клубско ниво и четири пред-олимписки турнири на репрезентативно ниво. Најуспешени клубови се Монпелје и Шамбери со три титули, додека ПСЖ му се придружи на Суидад Реал со два пехара.