Словенија без проблеми против „зборнаја“

Како второпласирана во групата Б, Словенија се најде во осминафиналето на Светското првенство и силите ги вкрсти со репрезентацијата на Русија. Во првиот дел, Русите предводени од Деревен и Шишкарев заминаа на пауза со позитива од два погодока 15-13, но во вториот дел Словенија ја превзеде контролата и со победа 32-26 обезбеди влез во четвртфиналето.

Шелменко го отвори резултатот со погодок од 9 метри, а Маргуч возврати со погодок од линијата за 7 метри. Русија прва дојде до предност од 2 погодока преку Шишкарев 5-3, но Словенија не дозволи противникот да се одлепи и во 10та минута го изедначи резултатот 7-7. Следуваше период во кој Русите заработија неколку исклучувања, што резултираше со предност за Словенија 11-9, но во финалните минути од првиот дел, Русија се врати во натпреварот и замина на пауза со 15-13.

Четири минути им беа доволни на избраниците на Веселин Вујовиќ за анулирање на предноста на Русија и целосно враќање во натпреварот 16-16. Квалитетната игра во одбрана и донесе предност на Словенија во 36та минута 17-18, но Данил Шишкарев возврати со неверојатен погодок на спротивната страна. Во 42та минута со три последователни погодока Јанц и ја донесе на Словенија најголемата предност на натпреварот 23-18. Со пет погодоци негатива, Русија влезе во завршните 10 минути од натпреварот и до крајот немаше сили за пресврт што резултираше со победа на Словенија 32-26.

Вардарците – Шишкарев и Деревен беа најпрезицни во таборот на Русија со пет погодоци, додека кај победничката репрезентација Цингесар постигна 6.

ФОТО:francehandball2017.com