Скјерн му го остави фенерот на Целје

Екипите на Скјерн и Целје го одиграа последниот натпревар сезонава во Лигата на шампионите на кој поуспешен беше тимот на Скјерн со 35:32. Двете екипи ги завршуваат настапите бидејќи завршија на последните две позиции во групата Б, а натпреварот беше директна борба за избегнување на последното место.

Скјерн стигна до победата полесно од очекуваното. Целје одигра слаб натпревар особено во првото полувреме во кое немаа решение за нападите на Скјерн. Одбраната беше под ниво во првите 30. минути во кои Целје прими 20 голови за 20:14 на полувреме. Во продолжението ништо не се смени, па домаќинот рутински ја одржуваше предноста и го приведе кон крај натпреварот во своја корист. Со победата Скјерн се искачи пред Целје на табелата и така го избегна последното место, а фенерот во групата Б му припадна на Целје.

Стрелците во двата состави беа многу расположени, во тимот на Скјерн одлично издание имаа норвешките репрезентативци Мирхол кој постигна десет голови односно Танген кој стрелаше прецизно деветпати. Во гостинската екипа Гал Маргуч  постигна 11 голови и беше најефикасен играч на натпреварот.

Инаку, уште пред почетокот на натпреварот беше јасно дека и двете екипи немаат шанса за да се пласираат понатаму и дека за нив ова е последниот меч сезонава во ЛШ.