Синот на легендарниот Штафан Олсон со ангажман во најсилната лига на Франција

Откако побезбеди опстанок во најсилната лига во Франција екипата на Трембле се насочува да го засили составот за наредната сезона. После објавените доаѓања на поранешниот голман на Металург, Дарко Арсиќ, десното крило Педро Портела и пивотменот Маруан Шуиреф, сега на ред пристигна и засилување на левата бековска позиција.

Нов играч во таборот на Трембле е младиот шведски интернационалец Хенрик Олсон, кој потпиша двегодишен договор. Презимето Олсон е доста познато кај вљубениците во ракометот бидејќи Хенрик е син на легендарниот Штафан Олсон кој беше помошник на Сердарушиќ во екипата на ПСЖ.

Хенрик пристигна од екипата на Рикох Стокхолм каде што помина три сезони и имаше добро постигнување во нападот забележувајќи 132 гола и запишувајќи 158 асистенции во шампионатот на Шведска. Овој 24 годишниот „викинг“ е универзален играч кој може да се вклопи одлично и на средната бековска позиција и претставува одлично засилување за тимот на Бенџамин Брау кој ќе се обиде повторно да опстане во најсилната лига во Франција.