Симовски ќе прозива на 20 септември: Сениорките ќе играат на турнир во Турција

Од 22 до 24 септември женската ракометна репрезентација на Македонија заминува на турнир во Турција на кој ќе се изврши последната контрола пред натпреварите против Шведска (28 септември) и Србија (1 октомври) од квалификациите за Европското првенство во 2018 година.

Селекторот Симе Симовски планира да ги собере ракометарките на 20 септември, но нема да може да смета на четири од интернационалките. Тие имаат обврски и ќе можат да дојдат дури на 25 септември кога почнува неделата на ЕХФ.

„Со исклучок на оние ракометарки коишто ќе имаат обврски со клубовите другите ќе бидат на собирот на 20 септември и  ќе патуваат за Турција. Ќе играме на турнир од 22 до 24 септември, а на него ќе биде и селекцијата на домаќинот и Италија. Се работи за турнир на четири селекции така што ќе има уште една репрезентација“, вели Симовски кој ќе има можност на три контролни средби да ја види формата на сениорките.

Според тоа е јасно дека на турнирот ќе бидат главно ракометарки од домашното првенство, но и оние коишто ќе бидат слободни како неколку што играат во првенството на Турција.