Се роди ли новиот Вардар? Промовиран новиот проект ЦСКА Москва! (ВИДЕО)

На руската ракометна мапа, се роди нов проект – ЦСКА Москва. Иако за старт ќе има само три интернационалки, а сите други ќе бидат руски ракометарки, сепак оваа екипа наликува многу на ЖРК Вардар, кој имаше слични амбиции и во втората сезона откако Сергеј Самсоненко почна да го финансира тимот обезбеди место на Ф4 во Лигата на шампионите. Така и ЦСКА Москва, веќе во првата сезона сака да го сруши Ростов, а потоа да игра на завршниот турнир во најелитното натпреварување во женска конкуренција.

Во ЦСКА Москва, ќе настапува и македонската репрезентативка Сара Ристовска, како и уште две странски ракометарки, голманката Чана Масон од Бразил и крилото Сабине Јакобсен од Шведска.

Зад овој проект, покрај спонзорите, стои Министерството за одбрана на Русија и Министерот Тимур Иванов.

“ЦСКА Москва отсекогаш била победничка екипа. Сигурен сум дека новиот тим ќе им се допадне на навивачите. Јас ќе се потрудам максимално да помогнам за тимот да стане синоним за рускиот женски ракомет”, кажа Иванов.

Тренер на ЦСКА Моксва ќе биде данскиот стратег Јан Лесли, за кого ова ќе биде втор руски предизвик во кариерата по Ростов Дон.

“Сакаме да бидеме тим што ќе биде способен да биде првак на Русија и да биде компетитивен во Лигата на шампионите, да биде секогаш на Ф4. Ова се нашите цели, но мораме да одиме чекор по чекор. За мене и моите ракометарки, ова е одличен амбициозен клуб. Се надевам дека ќе можеме да се бориме со Ростов Дон и да изградиме силен тим. Сакам да работам во Русија и мислам дека ова е одлична шанса за мене”, изјави Лесли.

На прес конференцијата говореше и Сергеј Шишкарев, претседателот на руската ракометна федерација.

“ЦСКА Москва треба да стане база на женската ракометна репрезентација”, краток беше Шишкарев.

Капитен на ЦСКА ќе биде бекот Дариа Дмитриева, која доаѓа од Лада Тољати.

“Целите ќе бидат високи, бидејќи направивме добар тим. Мислам дека ќе се бориме со Ростов Дон за титулата. Клубот е нов, мораме да се навикнеме едни на други. За првпат ќе работам со странски тренер, но нема да имаме проблем”, истакна Дмитриева.

ЦСКА Москва оваа сезона ќе игра само во шампионатот на Русија, а од следната веројатно ќе обезбеди место во европските купови и дополнително ќе се засилува.