Се одиграа првите натпревари од Лигата на шампионите

Со натпреварот меѓу украинскиот шампион Мотор Запорожје и италијанскиот првак Јуниор Фасано, во рамките на втората квалификациска група, започна новата сезона во Лигата на шампионите 2014/2015.

Градот Хард на живописното езеро Констанца во Австрија, е домаќин на втората квалификациска група чиј победник ќе обезбеди билет за уште најмалку десет натпревари  во групата Д,  каде ќе го пречекаат Килце, Данкерк, Кадетен Шафхаузен, Пик Сегед и Алборг.

1409945985_0
Фото: Валтер Запониг /www.hchard.at/

Во првиот натпревар, очекувано фаворитот во групата Мотор Запорожје славеше висока победа, поразувајќи го Јуниор Фасано со 36-20 (17-11). Покрај почетното водство на италијанците од три голови, екипата на Сергеј Бебешко со посериозен пристап во продолжение на натпреварот го покажа индивидуалниот квалитет и со одлична серија од 7-0 го решија  прашањето околу победникот уште во првите петнаесет минути од натпреварот.

Младото десно крило на украинците Артем Козакевич со девет голови го предводеше нападот на Запорожје. Кај италијанскиот шампион најпрецизен со седум погодоци беше црногорскиот лев бек Жељко Бахаревиќ.

Домаќинот на оваа група, австрискиот шампион Алпла Хард не ја искористи предноста на домашниот терен и му го препушти финалето на португалскиот шампион Порто. Домаќинот со одличниот старт од 3-0 најави дека мотивацијата е на највисоко ниво, откако минатата година не успеа да се пласира во групната фаза. Но Порто се врати во игра и на крај на првите триесет минути имаше два гола предност 16-14.  Предноста ја задржа до крај на натпреварот и со конечен резултат 29-25 се пласираше во финалето каде ќе се обиде да го надмудри тимот на Мотор Запорожје.

1409945987_0
Фото: Валтер Запониг /www.hchard.at/

Најпрецизен во поразениот тим беше Борис Живковиќ со осум постигнати погодоци, додека Јоао Фераз и Мик Шуберт го предводеа Порто до победата, постигнувајќи по шест голови.