Се бараат нови бодови: Металург и Нексе денеска по втор триумф во СЕХА

Еден од тимовите на кого Скопје му е меѓу омилените градови за надигрување, Нексе денеска му гостува на Металург. Во салата „Борис Трајковски“ во Скопје од 17.45 часот силите ќе ги одмерат вицешампионите на Македонија и на Хрватска што ќе биде можност на дело да бидат видени два тима коишто имаа големи промени во играчкиот кадар.

На последните четири гостувања во Скопје кај Металург, Нексе има една победа и два нерешени резултати што доволно покажува за сериозноста на овој меч. Инаку, и двата тима имаат по една победа и пораз на стартот од сезоната во СЕХА-лигата така што од нив се очекува добар натпревар на кој ќе се обидат да го покажат најдоброто на теренот.

Во 2. коло и двата тима славеа против претставниците на Србија. Металург го надигра Динамо од Панчево, додека Нексе се избори за триумф над Војводина. На тој начин дојдоа до првите бодови.

Инаку, целта на двете екипи е сезонава да финишира во горниот дел од табелата и да се поправи ланскиот пласман кога не успеаја да се најдат меѓу клубовите коишто конкурираа за место на завршниот турнир. Сезонава тоа изгледа како можно бидејќи еден од фаворитите, Веспрем не е веќе во лигата така што останува да се види кој ќе успее да го најде патот до завршниот турнир.

„Металург е многу добар тим кој секогаш е тежок противник за ривалите. Лино Червар е тренер кој секогаш знае да го извлече најдоброто од своите играчи така што и сега се очекува истото. Ова е дуел на две млади екипи и затоа ќе биде интересно. Се соочивме со мали повреди на дел од играчите пред овој меч така што не би можел да кажам колку некои од нив ќе можат да ни помогнат“, изјави тренерот на Нексе, Хрвоје Хорват.

Лино Червар не се опушта и е внимателен бидејќи добро знае дека Нексе секогаш може да изненади.

„Со Нексе секогаш е тешко и тука и во Нашице. Мораме ментално да се подготвиме, тоа е една екипа која има хемија од стари и млади играчи. Тука мислам на поранешните репрезентативци Зрниќ, Мрѓеновиќ, Баришиќ… А во своите редови имаат и потенцијален репрезентативец на Хрватска, тука пред се мислам на десниот бек Сршен. Тие се брза екипа, играат динамичен ракомет со агресивна 6-0 одбрана, која им овозможува брзи контра-напади, ќе биде навистина тежок натпревар“, коментираше стратегот на Металург на пресот пред дуелот против Нексе.