Сезоната ја почнаа порано, за осум дена ќе одиграат четири средби

Веспрем со убедливата победа над Дабас го отвори првенството на Унгарија, а овој натпревар е вовед во она што ќе следува. Во следните денови ќе одиграат уште три натпревари од домашното првенство со кои за осум дена ќе одиграат вкупно четири меча.

Следниот дуел на Манасков и колегите во дресот на Веспрем е веќе утре кога на домашен терен ќе се сретнат со Балатонфуреди. После само два дена следува натпревар со Егер кој ќе се игра на 27 август во 18 часот. Овие натпревари Веспрем ги игра порано од предвиденото за да си го олесни густиот распоред што го има во Лигата на шампионите и СЕХА лигата.

Првенството на Унгарија за другите клубови почнува на 31 август кога и шампионот на Унгарија ќе го има четвртиот дуел за осум дена. Во првото коло во арената на Веспрем ќе гостува составот на Ваци.

Сите натпревари се со екипи против кои се очекува лесна победа на Веспрем што ќе биде можност Давид Дејвис дополнително да ја уигра екипата и потполно да се подготви за натпреварите во Лигата на шампионите и СЕХА лигата.