СЕДМЕРЕЦ: Ќе има ли „втор круг“ за Вардар?

„Тоа е се народе“ им рече газдата на вардарци на пет дена пред четвртфиналето во ЛШ.

1.Бучно пред молкот

Завршува ерата на Сергеј Самсоненко во Вардар. Овој пат комплетно и официјално, со обраќање до јавноста.

Намерно или случајно веќе трет, а можеби и четврти пат во последниве две години, газдата на Вардар најавува-објавува крај со малку незгоден тајминг. Ако се следи хронологијата на настаните, во слично сценарија пред една година заврши и проектот ЖРК Вардар. Само што почна ланската сезона, вардарки добија прв абер дека ќе треба да ги пакуваат куферите. А, потоа, токму пред завршницата во Лигата на шампионите, стигна „честитка“ од газдата дека во јуни е крајот затоа што се „голем трошок“. На женски инает, Лекиќ и компанија по руската „шок-терапија“ стигнаа на еден гол до титула во големото финале во Будимпешта.

И заврши приказната.

Една година потоа, завршува и шампионската бајка во машкиот Вардар.

Во РК Вардар уште пред две години се појави првиот немир во соблекувалната кога газдата лут на навивачите, а малку и на новата власт, прво рече, па одрече дека го остава клубот. Но, во шампионскиот тим, куферите веќе почнаа да се пакуваат. Некои заминаа, дел останаа со ветувањето „тука сум, нема гајле барем до 2020“.

Вардарци и по летниот „одлив“ одиграа добра сезона и дотуркаа до ново четвртфинале во ЛШ.

И тогаш, неколку часа пред молкот, оној изборниот, стигна известувањето – „Почитувани граѓани, пријатели! Почитувана јавност…“

Крај на приказната!

Пет дена пред четвртфиналето со Пик Сегед. Два дена пред „претседателските“… Ќе има ли втор круг за „црвено-црните“?

За едни има за други нема врска едното со другото. Но, факт е дека по промената на власта, тргнаа и промените во шампионски Вардар кој одеднаш стана „голем трошок“ и неисплатлива инвестиција.

„Од седумте години поминати ви ракометот за жал, изминува веќе третата година како јас лично се борам од ден за ден за издржување на клубот, со постојано задолжување и земање на кредити…“ – се пожали газдата во известувањето до јавноста.

2.Срце вардарско и СЕХА кинеска

Што ќе биде со Вардар после јуни? Тоа е прашањето што сега ги мачи сите вардарци, и новокомпонираните што го „открија“ ракометот после Келн и уште повеќе оние од старата гарда. Голема неизвесност виси над најголемиот македонски спортски бренд само две години по освојувањето на европската круна и барем засега, не се наѕира решение.

Но, дел од јавноста веќе го врти погледот малку наназад. И додека некои сè уште „жалат и фалат“ по Самсоненко со надеж дека ќе се случи чудо и сè ќе биде како што си беше, други спас после јуни гледаат во стариот претседател, Михајло Михајловски, убедени дека „срцето вардарско“ нема да дозволи Вардар да го снема.

Па и од СЕХА аспект, ако сакате. Што би била „регионалната“ без Вардар, а со Кинезите?! Замислете…

3. Скопје или Битола

Новата состојба во Вардар во најава носи промени и нова борба за превласт на македонската ракометна сцена. Ако и со машкиот Вардар биде како што бидна со женскиот, тогаш вардарци може шампионски да ја завршат сезоната, а потоа без тим и без пари, да се откажат од ЛШ.

Може ли да се сврти топката, па сега Металург да профитира од кризата во Вардар и со нова финансиска конструкција да се врати на старата позиција? Или пак приматот од Скопје ќе се пресели во Битола со новите растечки амбиции на Еурофарм Работник?

Засега борбата е на таа линија. Генерално, се ќе зависи од буџетите, но и од „развојот на состојбата“ во Вардар после јуни.

4.Иднината во Бугојно

Иако деновиве топ тема е иднината на Вардар, вниманието го преокупира и нашата ракометна иднина. Македонските кадети настапија на престижниот турнир во Бугојно и покажаа дека во новата генерација има и тоа како добар материјал за иднина и евидентен напредок.  Впрочем, кога од кадетски турнир во Бугојно се бараат линкови и се прераскажуваат натпревари како да е европско или светско, веќе е јасен сигнал дека таму има нешто што светка!

Избраниците на Данило Брестовац завршија четврти по минималниот пораз од Германија, но она што е многу поважно, покажаа дека можат рамноправно се носат со големите противници од калибарот на Словенија или на Германија, да постигнуваат и 30+ и да запишуваат и двоцифрени победи.  Покажаа дека имаат игра и квалитет и против силна Словенија да ја свртат од -10 до еден гол за финале…И дека подмладокот конечно тргна по вистинскиот пат.

Патем, играа и без Марко Кизиќ. Вардар не го пушти во Бугојно, оти кадетскиот голман му бил неопходен на шампионот за одбрана на титулите, во Струга и во Битола! Образложението  е дека Кизиќ требало да го замени Гедбан, а настапот во Бугојно не е од оние задолжителните во неделата на ЕХФ.

А, за волја на вистината, не им е ни прв пат ваквиот став кон националниот тим.