СЕДМЕРЕЦ: Цар и Вардар – два во еден!

Сака ли некој да победи во СЕХА или сите се чуваат за Ф4?

1.Тактички и фактички – 1 гол за 15 минути

На поразите на младиот Маталург сезонава некако веќе и се навикнавме, на овие на супериорен Вардар пак, допрва се навикнуваме. И сè уште им бараме оправдување.

По супериорниот старт и доминацијата во СЕХА лигата, по малку необично дојдоа двата порази на шампионот во серија во финишот на регуларниот дел од сезоната. Вардарци прво загубија од Мешков дома, а вчера и во гости од Нексе. Не дека хрватскиот вицешампион во најдобрата клупска сезона е противник за потценување, ама Нексе пред ова коло загуби од Војводина! И од Еурофарм Работник во ЕХФ Купот.  А, потоа го победи Вардар.

Оди па фати „НЗС“ кој е посилен и кој за што игра!

Колку и да е составот некомплетен, а натпреварот небитен и колку и да беше Морено Цар, „цар“ на голот на Нексе, сепак само 1 (и со букви „еден“) гол за цели 15 минути во послената четвртина, е малку премалку за тим како Вардар кој, патем имаше и + 3 на полувреме. На истиот тој натпревар. Или „два во еден“ што би рекле оние што се разбираат повеќе во такви пресврти.

Загрижувачки пад во играта на „црвено-црните“ или тактички пораз? Подобро да е второто колку и да е спортски некоректно.

Инаку, во Нексе беа „врло“ среќни што конечно го победиле Вардар, но, Хрвое Хорват беше реален за односот на силите:

„Вардар не беше на највисоко ниво, но ако се сретнеме на завршниот турнир, верувам дека тоа ќе биде комплетно поинаков меч“.

Тренерот на Нексе со оваа изјaва, можеби меѓу редови ја откри и тактичката причина за ваквата разврска.

  1. СЕХА шема што отвора дилема

Откако Мешков Брест ги победи Вардар и Загреб по ред, речиси сигурно го обезбедува четврото место за пласман на Ф4. А, според најавите, и втора организација на завршниот турнир и уште еден обид на белорускиот тим да стигне до титулата во СЕХА Гаспром лигата, а Маноло Каденас да си замине со пехар.

На едно коло пред крај на регуланиот дел, водечката тројка – Нексе, Загреб, Вардар е сигурна, сите имаат по 39 бода и најверојатно, никој не сака да биде прв и да игра полуфинале со Мешков во Брест. Во последното коло пред Ф4, од водечката тројка, на Нексе ќе му биде најлесно да не победи оти игра против Мешков. Загреб ќе се „мачи“ со Татран кој теоретски сè уште е во игра, но практично, веќе со една нога во аматерски води. За Вардар пак ќе биде ептен премногу ако падне „херојски“ и во Љубушки…

Ова е само една од претпоставките во обид да се „сварат“ поразите.

Домашниот „есап“ не секогаш излегува точен и на пазар, се потврдило тоа многупати и во спортот. Но, на крај на денот, секој  тим си ја крои својата тактика и распоредот на силите.

Имало тактички пресметки и во минатото, а сигурно ќе има и во иднина.

Сепак, прашањето што отвора дилема, речиси секоја сезона во изминатите неколку години, е колку овие „чувања“ и „шеми“ се поразителни за квалитетот и рејтингот на регионалната лига која има(ше) тенденција да биде една од водечките во Европа, во ранг на германската и на француската.

  1. Престиж и предизвик

СЕХА лигата стана неинтересна за Унгарците и за Словенците кои се повлекоа од регионалната за сметка на квалитетот на домашната лига. По заминувањето на Веспрем, а потоа и на Целје и на Горење значително падна квалитетот и интересот за овој значаен регионален проект. Чудните резултати, „шемите“ и „чуванките“ ставаат уште еден минус на регионалната лига која, со сите предности и маани, засега сепак, останува престиж и предизвик барем за оние од Загреб до Скопје.

Иако, од оваа перспектива, сè пореален облик добива и неодамнешната идеја на селекторот Данило Брестовац, тогаш сè уште само како тренер на Металург, за враќање на македонските „сехаши“ во домашното првенство во цела сезона, а не само во плеј-офот.

Тоа  сепак, останува само идеја без реализација. Барем засега. А, во меѓувреме во македонската Супер лига се разгорува борбата за четирите места во плеј-офот, покрај двете загарантирани за Вардар и за Металург. Крајна цел е да се фати излез во Европа, па макар и да заврши „излезот“ со брза елиминација по едно-две кола. Поамбициозните пак, сериозно целат и на вицешампионската позиција на Металург – и на местото во СЕХА.

Битолчани веќе му го зедоа „столчето“ на Металург на претседателската маса на февруарското Собрание на РФМ. Онака, случајно регистрирано како потенцијална најава за можна промена во односот на силите и на влијанието.

Каков ќе биде одговорот од Автокоманда останува да видиме. И за Брестовац селекторски и за Металург базично, ќе биде погубно ако ја загубат втората позиција, колку и да е сериозна конкуренцијата. Амбициите на тимот од Автокоманда сигурно ќе се мерат и според изборот на новиот тренер што ќе го замени Брестовац кога во јуни ќе посвети само на селекторската работа. Тоа што се врти сега како опција дефинитивно, е за многу повеќе од само суперлигашка амбиција.

Нормално, ако нема „промена на планот“ во „задна“ четвртина…