СЕДМЕРЕЦ: Тим билдинг


Се палат моторите за новата ракометна сезона

1.Писонеро на македонски

Вообичаено, крајот на јуни за ракометниот свет значи почеток на подготовките за новата сезона. Одморени, рестартирани, преекипирани, подновени, еден по еден ги „палат моторите“, со онаа омилена новинарска фраза за оваа фаза. Посилни или послаби, тоа ќе мериме наредниот јуни. Сега е време на подготовки и тим билдинзи, секој со своја перцепција и со своја математика.
Од големата тројка на македонската ракометна сцена, вардарци традиционално први „ги запалија моторите“. Уште еднаш со значително подновен состав и со нов Шпанец на клупата. Давид Писонеро е во нова шпанска мисија во Скопје, да научи македонски и да се обиде да направи уште едно ракометно чудо со „црвено-црните“, во кризен период, ама и со две европски титули во џеб.
И овој пат како и во претходните две-три лета, голем дел од шампионскиот тим се одлеа од Вардар. Осум заминаа, шест дојдоа. Во „црвено-црно“ во новата сезона ќе нема неколку омилени добро познати ликови како Игор Карачиќ. Но, вардарци и нивните навивачи веќе се навикнаа на вакви ситуации. Впрочем, исто беше и лани, па на крај по сите заплети и расплети, приказната доби среќен крај.
Или што би рекол капитенот Стојанче Стоилов – се е исто како лани ама и не е, сега сме шампиони и така треба да се однесуваме.
И Писонеро да научи македонски, тоа се подразбира.
Се друго се решава „во текот на сезоната“. Ако испливаа лани во матното, ќе испливаат и сезонава на шампионски погон со „двоец“ на кормилото.

2. Битолска фузија-кон-фузија

Со многу енергија и силна амбиција во подготовки за новата сезона тргна и Еурофарм Работник. Стевче Алушовски и новиот македонски вицешампион ги чека предизвик на три фронта. На меѓународна сцена, на битолчани им претстои деби во СЕХА и деби во големото друштво во ЛШ. Дома пак ги чека одбрана на вицешампионската титула, во најмала рака, и полни раце работа за Алушовски и за битолскиот тим.
Што се однесува до промените во составот, Еурофарм Работник летово го испрати Филип Кузмановски во Германија, но собра се што беше достапно од македонскиот ракометен потенцијал и заврши добра работа.
Во меѓувреме, деновиве треба да добие финална разврска и евентуалната битолска фузија – Еурофарм Работник и Пелистер да бидат 2 во 1. Колку и тоа да изгледа како конфузија за битолските навивачи.

3. Тренерски ротации

И додека Работник засилено работи на новите европски предизвици што го очекуваат во новата сезона, Металург се адаптира на новата позиција – суперлигашка реалност со Куп ЕХФ, но без СЕХА и без ЛШ. Тимот од Автокоманда е пред уште еден нов почеток – со нов тренер и со седум нови имиња во составот, без девет ракометари од ланскиот ростер.
Заминувањето на петмина македонски репрезентативци од Автокоманда на Металург му дава малку поинаков лик во новата сезона. Српскиот стратег Дамир Стојановиќ ќе има задача да извлече максимум од новиот Металург кој сега повеќе е спој на искуство и младост.
Освен вообичаените играчки трансфери, летово на македонската ракометна сцена се случија и неколку интересни тренерски ротации. Што на крај на денот, во позитивна насока ја раздвижува и тренерската фела.
Откако со вториот тим на Металург обезбеди суперлигашки статус, Раде Стојановиќ ја напушти Автокоманда и седна на местото на Горан Андоновски на клупата на Охрид.
По успешната сезона промена има и на клупата на Бутел. По суперлигашкиот бум во деби сезоната и обезбедениот прв настап во европските купови, Бутел се раздели од Игор Котевски и му ја довери клупата на неговиот помошник Кристијан Грчевски. Котевски според најавите е најблиску до Автокоманда, иако се споменуваше и како идеално решение за Пелистер.
По едногодишна пауза на клупата се враќа и искусниот Илија Темелковски. Најтрофејниот македонски селектор, во нова корелација со Наумче Мојсовски, од следната сезона ќе ја води Струга. Темелковски доаѓа на местото на Андон Бошковски кој пак влегува во новиот проект на Кире Лазаров, на клупата на новиот прволигаш КЛ7. Во најава се сериозни инвестиции, а следствено на тоа и резултатски амбиции.
Она што го направи Горан Пандев во фудбалот, Кире Лазаров го реализира во ракометот. Од академии и младински школи до свој клуб во лигашкиот систем на натпреварување. Добар пример од двајцата најдобри македонски спортисти. Убава насока и уште поубава перспектива.
„Палете моторите“!