СЕДМЕРЕЦ: Предизвици

Стигна првенството што го чекавме и генерацијата што ја „пилкаме“

1.Ќе не биде или не?

Можеби не десет, ама едно пет-шест години наназад сигурно, по секој настап на ракометарите се отвора и дилемата – ќе има ли Македонија некогаш некој нов Кире Лазаров и ваков тим и во иднина?
Време е да го добиеме одговорот.
Мартин Серафимов, две децении помлада лика и прилика на капитенот, велат, не само по левата рака и десната бековска позиција, туку и по некои други карактеристики, ја предводи новата генерација која сега излегува на голема сцена. Во Скопје утре стартува Светското првенство за играчи до 19 години. Она што долго го чекавме со генерацијата 2000 што делумно и поради ова СП, стана и голем предизвик за сите – за играчите, за селекторот, па и за РФМ како еден заокружен процес.
За играчите разбирливо, ова е шанса што не се пропушта. Имаат светско дома, добра група, одлични услови и идеална можност да направат успех што ќе им ја трасира кариерата.
За Данило Брестовац ова е важен селекторски предизвик, па речиси исто толку колку и оној со сениорската репрезентација бидејќи кадетски Мундијал е виза за иднина, шанса да се направи успех и да се „извади“ новата генерација за наредните 10-15 години. Впрочем, не залудно токму оваа генерација беше најмногу во фокусот на многу тренери и селектори во изминативе неколку години, поради талентите, тајмингот за подмладување и секако, поради Светското првенство во Скопје. Се заедно – идеално.
За РФМ токму оваа СП и оваа нова генерација е комплетниот производ и најверодостоен резултат на се она што е направено во изминатите, безмалку, два мандати, но и оставина за иднина. Во изминативе години беше посветено посебно внимание на младите категории како цврста база за сигурна иднина. За разлика од другите делумно успешни или целосно загубени генерации во процесот на созревање, оваа 2000-та е системски и плански растена. И токму затоа, се очекува резултат, не како атрибут што носи притисок, туку како реален производ.
„Долго сме во овој проект наречен Светско првенство. Концентрирани сме сто проценти на Мундијалот и искрено очекувам висок пласман…очекувам осминафинале, а што понатаму ќе видиме“ – во познат стил најави Мартин Серафимов пред мундијалскиот предзивик за кадетите.

2.Бундес лигата „им легна“

И не е само најмладиот ешалон пред предизвик летово. Има што да покажат и докажат и оние повозрасните ракометари, посебно оние од средната генерација, прво на клупски, а подоцна и на репрезентативен план. Најголемиот предизвик стои пред се побројната македонска колонија во Бундес лига, посебно за нашите „новаци“ во најсилната лига во светот. Ако пред некоја година македонски ракометар во Бундес беше реткост, во новата сезона македонско знаменце во составот имаат пет бундеслигаши. На Миркуловски и на Талески кои се веќе староседелци во Германија летово им се приклучија и Филип Кузмановски, Жарко Пешевски и Мартин Томовски.
И што е најважно, сите тројца репрезентативци успешно одговорија на германскиот предизвик во подготовките за новата сезона. Кој што сака нека каже, ама во ракометна Македонија и тоа како годат вестите дека Кузмановски му донесол победа на Магдебург, дека Пешевски бил најефикасен во Штутгарт, дека Томовски бранел, ама и погодувал за Лудвигсхафен… па нека е тоа и на Шпаркасен купови и на претсезноски контролни. Битно, нашите добро се снаоѓаат со германскиот предизвик и добро „им легна“ новата средина.
Бундес лига си е Бундес лига. За играчите тоа е индивидуален предизвик, но во перспектива и репрезентативен бенефит.

3.Битолска тарифа

Во Македонија пак, претсезонски најинтересно е во Битола во реализација на ракометната платформа со фузија на Пелистер со Еурофарм Работник. Едните имаат стара слава, традиција и верни навивачи, другите успех и стабилна финансиска конструкција. Предизвикот е сето тоа да се спои и добро да функционира во иднина.
За оваа битолска фузија има и приврзаници и противници, и јасна визија и многу недорасчистени работи во финалната реализација. Генерално, идејата е Битола да има силен тим, репрезентативна сала во која ќе се играат натпреварите од СЕХА и од ЛШ и полни трибини.
По бомбастичните најави и првичната еуфорија, работите потоа малку спласнаа. Засега како факт стои одлуката на Советот на Општина Битола во чија сопственот е РК Пелистер, да ја прифати понудата од Еурофарм да го откупи мнозинскиот пакет акции. Според договорот кој како што е најавено, деновиве треба да биде потпишан, Еурофарм Пелистер или обратно, ќе има два тима, еден грб и проектиран буџет од еден милион евра. За дел од навивачите на Пелистер битно е и дали дресовите ќе бидат сини или зелени. Но, на крај на денот најбитно е само да не е „црвено“ на салдото.
Договорот предвидува приватниот субјект да вложува по 45 милиони денари или околу 750.000 евра, а Општината да го дополни салдото со 15 милиони денари или околу 250.000 евра и да се заокружи на еден милион.
Милионите летово ептен се во тренд, а и „битолската тарифа“ се погоди тука некаде…