СЕДМЕРЕЦ: По скалите нагоре…лифтот не работи!

Падни-стани, кадетите стигнаа до осминафиналето на „домашното“ Светско првенство (У19)

1.Победи и порази, убави и грди

Две победи, два порази и обезбеден пласман во осминафиналето е грубиот биланс на македонските ракометни надежи на едно коло пред крај на првата фаза од Светското првенство (У19) што овој август го стави Скопје на светската ракометна мапа. Примарната цел е достигната, секундарната ќе ја мериме на крајот.

„Нема лифт до успехот, одиме по скалите, чекор по чекор…“,  задишано ни рече Дарко Кондев по вчерашната бркотница со Данците. Најтемпераментниот македонски репрезентативец ја „фати“ токму најреалната слика за „црвено-жолтиот“ табор на овој Мундијал. Па, и не само на него… Ние, впрочем, ретко го фаќаме лифтот. Си цепаме по скалите, фино-лепо. Надолу нагоре, полека, чекор по чекор.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац лошо го отворија шампионатот и непланирано „се сопнаа“ на првата скала против Аргентина. Потешко од очекуваното беше и со условно најслабите во групата – селекциите на Нигерија и на Бахреин. Но, и грда победа е поубава од најубав пораз, што би рекол селекторот.

 

Таков некако беше тој вчерашниот од Данска. За разлика од претходните три конфузни настапи против „неевропските“ противници, со Данците играта доби многу поконкретен лик. Попушти притисокот и нервозата, но воедно и се покажа кој е кадарен да одговори на репрезентативниот предизвик, а кои таленти се сепак, далеку од репрезентативното ниво. Кој само тренира, а кој игра, кому му недостасува клупско искуство и натпревари во нозете, кој може, а кој не знае, кој префрли, а кој потфрли…Што е лош ден, а што лош избор.

Но, за тоа потоа, нека ги истераат сега скалите. Со темпото на Кондев и со срцето на терен како што вети капитенот (помладиот). Само со знакот нагоре, молам!

2.Бележникот на Рибера и рутата на Червар

Овој Мундијал е убава прилика да видиме како играат најсилните младински репрезентации во светот и како изгледаат не само талентирани туку и набилдани и профилирани играчи на 18-19 години, некои веќе ангажирани, а други „на радар“ на големите европски клубови. На овие шампионати редовно знае да блесне и по некој вонсериски талент во, по рејтинг, послабите репрезентации, како Аргентинскиот левак Аугустин Инзнер, на пример.

Впрочем, не залудно деновиве Скопје врие од познати ракометни ликови.

Жорди Рибера во друштво со Хота Гонзалес и во „Јане Сандански“ и во „Борис Трајковски“ педантно го полни својот бележник.

Лино Червар, пак е во Скопје. Во друштво со Игор Вори ја следи Хрватска, а не пропушта ниеден натпревар ни на Македонија и му „набива кондиција“ на својот поранешен претседател во Металург, Левче Китевски на релација Карпош-Аеродром.

На познат терен во августовските скопски горештини е и Јан Питлик, делумно во тренерска, делумно во родителска улога следејќи го настапот на својот син во данската репрезентација.

Низ скопските сали деновиве може да се сретнат и италијански, српски, словенечки, исландски тренери, скаути и менаџери…Се враќа од одмори и нашата тренерска фела, па од ден на ден се пополни се трибините.

Во Скопје се игра светско првенство, вреди да се видат идните ракометни ѕвезди и нашата ракометна иднина. Нема билборди и реклами, ама бесплатно е бре луѓе, ако е за пари! И ако се закренале да дојдат до овде навивачи од Аргентина, можеме и ние да тркнеме од Ѓорче, од Козле, од Автокоманда… Нели сме ракометна нација!

3.Ривали под ист кров

И додека Светското првенство за играчи до 19 години ги окупира скопските сали и вниманието на јавноста во жешките августовски денови, клубовите ги одработуваат подготовките за новата сезона на посвежи дестинации. Новиот Металург е на подготовки на Копаоник, а вардарци во ново руво стигнаа и до првиот трофеј на турнирот во Требиње.

Она што пак во меѓувреме побуди интерес во јавноста е новата соработка меѓу некогаш лутите скопски ривали. Металург во претстојната сезона наместо во ЛШ ќе го гледаме во Купот на ЕХФ, но не во „Борис Трајковски“ каде што традиционално досега ги играа меѓународните натпревари, туку во „Јане Сандански“. Од Автокоманда потврдија дека имаат добра соработка со Вардар, а условите во „Јане“ им одговарале повеќе отколку тие во „Борис“. Па така, ривалите ќе станат „цимери“, а салата во Аеродром ќе биде дом на Вардар во ЛШ и дом за Металург во ЕХФ Купот.

Под ист кров во Европа во новата сезона треба да излезат и битолските ривали Пелистер (ЕХФ Куп) и Еурофарм Работник (ЛШ) во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, ако се тече според планот со реконструкцијата. Ако не, за „фармацевтите“ сега има  слободен термин и во „Борис“ како резервна варијанта.

Металурзи на „црвено-црно“, битолчани домаќини на скопски терен…

Ривали-другари! И, лифтот работи!