СЕДМЕРЕЦ: Поклон до под ШАМПИОНИ!!!

На Европа, на храброста, на пожртвуваноста, на единството, на пркосот…

1.До Келн и после Келн

Кој ќе каже „знаев“ ќе излаже. Да, титулата беше и тоа како посакувана, ама дека некој во оној неизвесен септември, па уште помалку во април можеше да предвиди дека Вардар наспроти сите неволји и одливи, по втор пат ќе ја донесе „металната рака“ во Скопје – тешко!

Но, тоа е Вардар. Тука нема логика, ни теорија, уште помалку економска законитост. Има срце, има желба, има карактер, магија, инает и традиција. И тимски дух над сè и пред сè.

Вардар направи уште едно чудо во Келн за холивудски крај на сезоната. Во два дена вардарци ги урнаа сите ракометни теории. По кој знае кој пат „црвено-црните“ воскреснаа на теренот и ја урнаа моќна Барселона. А беа речиси „мртви“ на -7! И ако беше чудо и дебитантска среќа она неверојатно полуфинале со Барса во 2017, ова сега беше вардарово чудо над чудата. Барселона силна и моќна, и по име и по пари, а Чави Пасквал недопирлив. Но, и поразително самоуверен, по кој знае кој пат…

Тој што секогаш имал не може да ја сфати силата на тој што се бори да опстои.

Големиот Чави ја напрви истата грешка како во 2014 кога предвреме ја впиша победата против Фленсбург, истата грешка како во 2017 кога мислеше дека лесно ќе го прегази Вардар.

Ама „матен Вардар брзо тече…“ и онака прелеан со емоции ги удави фаворитите во Келн. Прво Барса, потоа и Веспрем. Моќни, богати, сигурни за својата иднина…ама затекнати од „црвено-црната“ магија на минатото и на сегашноста, од тимот кој не знае што му носи наредниот ден.

„Се што ни се случува оваа година е нереално. Како некој лош филм…се надевам дека утре ќе победиме и ќе биде како Холивуд“ – посака капитенот Стојанче Стоилов пред големото финале во Келн.

И, би Холивуд во Келн!

2.„Икс фактори“

Холивудската ракометна приказна на македонскиот шампион сезонава повеќе беше трилер отколку романтична драма. Иако заврши „хепи“. Без „енд“, ако може.

Европската титула и шампионскиот пехар „тежат“ сами по себе, уште повеќе што тие сè уште се недостижен сон и за еден гигант како Веспрем со четири финалиња во ЛШ, или за финансиски моќник како ПСЖ со сите ѕвезди и милиони.

А, Вардар ги освојува два пати во три години!

Ако се фрли само еден поглед назад на сезоната и на сите заплети и расплети што ги поминаа „црвено-црните“, успехот добива уште поголема вредност и тежина.

Прво, минатото лето Вардар остана без пола од шампионскиот тим, па се падна „група на смртта“ никогаш потешка во ЛШ, па снема плата, па се заредија повреди и проблеми… Се истенчи Вардар, стана „врвка“ работата. Некој би кренал раце, ама вардарци се закрпија, а Игор Карачиќ на крај го крена и големиот и оној престижниот МВП пехар. Повеќе од заслужено.

Кој мислеше дека Милосављев може да стане Штербик или дека Роберто Парондо „на прва“ ќе го надмине незаменливиот „ел команданте? Дека Скубе од вишок во ПИК ќе стане тамам во Вардар и ќе ја надскока европската елита? Дека Криштопанс од несмасен џин ќе стане „елеганција во движење“ и „икс фактор“ во играта на Вардар? Дека „Диско“ Дисингер во Скопје ќе го најде своето вистинско место и ќе заигра шампионски…

Никој!

Што е тоа што го движеше Вардар напред и што го направи посилен и од најсилните? Ова сигурно долго ќе биде тема за ракометни анализи. И, тешко дека некој некогаш ќе го најде вистинскиот одговор ако никогаш не ја почувствувал енергијата што ја носи македонскиот ракометен бренд. Го знаат тоа сите што некогаш го облекле „црвено-црниот“ дрес. Само Давид Давис изгледа малку подзаборавил дека Вардар „шиба“ и со празен резервоар. Парондо убаво го потсети дека не победува машината, туку тој што ја вози.

Кога пред две години Вардар прв пат го подигнаа пехарот во Келн, беше многу лесно и логично причината да се бара во големината на Штербик и во генијалноста на Раул Гонзалес. Во најголем дел.

Но, сега Вардар е и без Штербик и без Раул, и без многу други фактори – и пак е европски шампион. „Ел команданте“ со истата генијалност и со на хартија, многу посилен состав со ПСЖ не стигна ни до Келн. Ниту пак Штербик му ја донесе толку посакуваната титула на Веспрем… А, Вардар, со многу „отпишани“ успеа!

Силата на Вардар е во хемијата и во инаетот на „отпишаните“ да ја зграбат шансата со две раце, да дадат се од себе и да покажат колку вредат. За себе, за тимот и за публиката. Во тој амбиент секој овде да се чувствува како дома без разлика дали дошол од Бразил, од Шпанија или од Германија, голем удел има македонската ракометна пасија и публиката. Можеби делумно и оној универзален јазик што стана „закон“ во тимот на Вардар е тој врзувачки фактор што спонтано и Дисингер ќе го натера во Келн да ја побара „Ѓурѓа на пенџере“.

Оние од Холивуд на вардарци може вода да им носат!

3.Она што не се заборава

Освен холивудското сценарио, има и многу импресивни бројки и факти што ги испишаа викендов вардарци во Келн и убаво е уште еднаш да се наредат.

Така, Вардар по втор пат стана европски шампион, единствен со две титули од две финалиња во три последователни настапи на Ф4. Респект!

Со втората титула, Вардар ги стигна гигантите Кил и Барселона – единствени што освоиле по две титули на Ф4 спектаклот во Келн.

Роберто Парондо е втор по Талант Душебаев што освоил шампионска титула во ЛШ и како играч и како тренер. И единствен тренер што две години по ред имал две финалиња на Ф4 во  женска и во машка конкуренција – лани со ЖРК Вардар во Будимпешта, годинава со РК Вардар во Келн. И тоа е како за Холивуд, тешко дека некој може да го повтори!

Иван Чупиќ е единствениот ракометар со три шампионски титули на Ф4 турнирот во ЛШ.

Игор Карачиќ е првиот хрватски ракометар од плејадата ѕвезди што го подигнал шампионскиот пехар и станал МВП на завршниот турнир во ЛШ.

А, Столе Стоилов, е срце планина. Само голем човек и вистински капитен би му го препуштил големиот чин и пехарот на „братот што заминува“.

Може ли некој некогаш тоа да го заборави? Не верувам.

Тоа е силата што победува и „црвено-црната“ ракометна магија! Џабе анализирате напад и одбрана…

И каква и да биде иднината, Вардар секогаш во себе ќе ја носи традицијата.

Поклон до под, шампиони!