СЕДМЕРЕЦ: Плеј-оф-оф леле…

Вардар ја освои титулата, па загуби од Пелистер, па Металург загуби од Бутел и стана ршум во суперлигашкиот плеј-оф

Ова е Супер лига, така?

Пелистер имаше прилично измешана сезона, ама на крај со една победа влезе во големото друштво со Барселона и со Веспрем. Колку и да звучи неверојатно, статистички е така. Само четири екипи сезонава успеале да го победат Вардар на домашен терен – Барселона, Веспрем, Мешков …и Пелистер! На едно коло пред крај на суперлигашкиот плеј-оф, шампионот дома загуби од Пелистер во за нив резултатски небитен меч, но битен за битолчани во обид да го фатат последниот воз за Европа.

„Откако ја обезбедија титулата и ги добија медалите, за ракометарите на Вардар остана да се подготвуваат за настапот на Ф4 турнирот во Келн. Токму затоа на мечот со Пелистер настапивме со кадетскиот тим кој истовремено настапува и во младинска конкуренција. Нашите момчиња дадоа силен отпор, одиграа машки, иако на крајот бевме поразени со 26-30…“, така информираа од Вардар.

Пелистерци за малку и во Европа ќе си излезеа. Арно ама, конкуренцијата веднаш се мобилизира. Да не останат покусо во „фраерската“ завршница на домашниот шампионат и „металурзи“ во последните вицешампионски денови „храбро паднаа“ во Бутел, па дебитантот сега е најблиску до „четворката“ за место во европските купови.

„Металург во претходното коло ја обезбеди третата позција во тековното првенство и на денешната средба нашите ракометари не успеаја да соберат доволно мотиви и да одиграат добар натпревар. За разлика од нас, ракометарите на Бутел беа максимално мотивирани, бидејќи само со победа го обезбедуваат четвртото место, потребно за настап во европските натпреварувања…“ – така некако објаснија на сајтот на Металург.

Појасно, здравје!

Легитимно – да, морално ич!

И не дека Бутел не заслужува да обезбеди место во Европа, посебно по се она што го одигра сезонава Игор Котевски со суперлигашкиот дебитант, напротив. Можеби и на Пелистер по сите смени и промени му треба „европска стабилизација“. Заслужува и Пролет кој е најконстантен во својот курс и можеби и најстабилен во „тројката“ за „четворката“, ама некако извиси во „подаванката“ на крај.

Од некоја перспектива и децата од Вардар имаат право да собираат суперлигашко искуство. И Вардар со двојната регистрација, има легитимно право во домашниот плеј-оф да си доигрува со младинците, а првиот тим да не се замара со суперлигашки дуели во подготовките за Келн.

Легитимно – да, но морално и етички – ич не!

Оти, вака како што тргнало суперлигашкиот плеј-оф од најдоброто во сезоната, на крај ќе се сведе на обична лакрдија. Апсолутната суперорност на Вардар и привилегираната позција на двете најдобри екипи во најсилната македонска лига, се покажуваат во спортски најлошата варијанта. Борбата за титула, па и за втората позиција, завршува со 2-3 меча и после се е формално довршување на работите – „кому треба нека земе“. Колку да се истера првенството до крај.

И така, едни се веќе на одмор, други имаат поважни работи пред Келн. Супер лигата – апсолутно небитна!

Систем „зрел“ за промена

Кога селекторот Данило Брестовац, тогаш како прв човек на клупата на Металург, прв пат го спомена враќањето на „сехашите“ во домашното првенство, првично беше протолкувано како „тактичка најава“ или некакво алиби ако „металурзи“ го загубат местото во СЕХА лигата. Но, како што одминува сезоната, така и оваа идеја станува се пореална опција.

Изминатиов викенд најексплицитно потврди дека можеби е време и РФМ и клубовите да размислат за долгорочните последици од ваквата „полудиригирана“ Супер лига која наместо да ја привлече, на крај ќе ја избрка и таа публика што остана во нашиот ни спорт број еден. И, конечно и за промена на системот на натпреварување, можеби повторно со осум екипи во најсилната лига и со враќање на „сехашите“ во регуларниот дел од сезоната.

Со воведувањето на новиот групен систем во СЕХА лигата, тоа не е ни невозможно, ни нереално. Така и првенството ќе добие на квалитет, клубовите ќе имаат еднаква стартна позиција, борбата за титулата ќе трае цела сезона и ќе нема „на ти го – дај ми го“ во плеј-оф.

За доброто на македонскиот ракомет – системот е „зрел“ за промена.


Колумната „Седмерец“ ги изразува ставовите на авторот и истите не значат ставови и на редакцијата на 24 ракомет.