СЕДМЕРЕЦ – Ну, погоди!

Не биле девет, туку 21 плата во минус…а некаде може ич?! Оди па фати ја „платежната тактика“ на шампионот

1.За парите и другарите

Завршија натпреварите, сега во ек се свадбите и камповите. И потписите и платите, се разбира. Кој, каде, како, од кога, до кога…за колку? Тоа е главната тема во топлите јунски денови, посебно по уште една и тоа како „жешка“ сезона.
Вардар се полни како ретко кога во јуни во изминативе две лета, а во меѓувреме пак се актуелни платите. Кој е поблиску до вистината?
Прво Парондо откри дека фалат девет, после Скубе рече дека биле исплатени пред Келн, а сега Карачиќ во руски медиум „извади“ дека во Вардар бил 21 плата во минус?! Но, верува дека сè ќе биде подмирено.
Впрочем, вербата и го однесе Вардар по втор пат на европскиот трон.
Игравме како деца, за наше задоволство и радост…и успеавме онака како што успеваат децата верувајќи и во невозможното“ – ќе рече Карачиќ.
Тоа и дава уште една дополнителна вредност на втората шампионска титула на вардарци во Европа. Што се однесува пак за платите и за долговите, тука веќе никој не може да ја фати „тактика“ на шампионот.
Сигурно има вистина и кај тие што заминаа и кај оние што решија да останат во Скопје. Па, ни во ПСЖ веќе не течат милионите…Овде барем тече слава, шишти и кога фали по некоја плата. Некаде девет, некаде 21…кому како ќе се погоди.

2. Две глави, две струи

Но, има и еден посебен феномен во целата таа ситуација. Колку и да е финансиската ситуација променлива, Скопје сè уште е привлечна ракометна дестинација. Можеби не толку за водечките ѕвезди, но, за вториот ракометен ешалон и тоа како. Речиси во исто време деновиве и двата скопски клуба ја „пополнија“ клупата – Металург го промовира Србинот Дамир Стојановиќ, а Вардар го донесе Шпанецот Давид Хозе Писонеро.
Откако пропадна договорот со ПСЖ, Сташ Скубе реши да си остане во Скопје на подолго. Верноста со „црвено-црните“ за уште една сезона ја продолжи и голманот Халифа Гедбан. Помалку неочекувано, друштво на голот во новата сезона ќе му прави Летонецот Кугис Артурс. Во медиумските најави за голманската позиција во Вардар сигурно беа „таксани“ Портнер или Ивиќ, но, на крај сепак, испадна дека потпис ставил само Артурс. Уште еден талент што чека да ја зграпчи шансата што тешко се добива на друга дестинација.
Во првиот летен бран, официјално, во Скопје доаѓаат уште две руски засилувања – еден нов и еден добро познат лик. Нов е младиот руски пикер Сергеј Горпишин, а добар познаник на скопската публика – поранешниот бек на Металург, Павел Атман.


Вториот бран треба да биде пополнување на Вардар со дел од македонските репрезентативци што е заложба на почесниот претседател на клубот, Михајло Михајловски, сесрдно ангажиран за спас на Вардар и за пополнување на финансиската дупка што се закануваше да го проголта брендот.
Обидот да се врати Филип Талески од Германија, во оваа фаза сè уште е нереална мисија. Но, реално е дека неколку македонски играчи од Металург од следната сезона може да ги видиме во „црвено-црно“.

3.Работник во елитата

Металург пак е во „ремонт“, сега и без СЕХА и без ЛШ. Еурофарм Работник го презеде приматот, вицешампионската титула и пола тим од „металузи“, а на крај и „довербата“ од ЕХФ за влез во ЛШ. И не само Металург, битолскиот тим во битката за дополнително место во најелитното европско натпреварување ги победи и Нант и Шамбери и Магдебург… и ќе биде единствен дебитант меѓу 28 екипи што ќе настапат во 27.издание на ЛШ, последно во овој формат. Уште еден голем плус за македонскиот ракомет и за неговата валоризација во Европа.
Новата сезона ќе биде голем тест за амбициозниот битолски проект и уште поголем предизвик и за клубот и за играчите и за Стефче Алушовски на клупата, да се тргне во сериозен европски поход на македонски погон.
Работник го испрати Кузмановски во Магдебург, но во Битола успеа да го врати Никола Митревски, го преполови Металург и полека но сигурно создава респектабилна репрезентативна база.

4. Регрутен центар Автокоманда

За разлика од претходните години кога Металург ги собираше и ги лансираше талентите, сега новата миграција е од Автокоманда во Битола. Тргна уште лани со заминувањето на Филип Кузмановски, а летово во Работник се преселија и Маџовски, Велковски, на пола пат е и Танкоски…
Што е за право, има една преселба и во обратна насока. Од Битола во Скопје доаѓа Црногорецот Милан Поповиќ кој го напушти Пелистер и ќе го засили новиот Металург под водство на Стојановиќ.
Чекајќи плата и исплата „од петок до наредната среда“, уште претходно со Металург се збогуваа странците – Шпенде, Пучник, Токиќ, Рибеиро, Миличевиќ. Мартин Томовски замина во Бундес, а „надвор“ најверојатно ќе замине и Никола Даниловски. Уште неколку играчи од новата генерација се на излезна врата во Автокоманда, дел од нив, веќе споменато, се пред потпис со Вардар за уште една „скопска миграција“ во најава.
Има ли Металург сè уште добар „материјал“ во базата или заминувањата на македонските репрезентативци значат нов курс во најава, ќе се знае за брзо време.
Ако ви текнува, во старите добри времиња, „химна“ во Автокоманда беше „не може нам нико ништа…“.


Колумната „Седмерец“ ги изразува ставовите на авторот и истите не значат ставови и на редакцијата на 24 Ракомет.