СЕДМЕРЕЦ: (НЕ) Е СÈ ВО ПАРИТЕ!?

Ама не е ни секој ден Велигден…

1.Специјалитет „а ла Вардар“

Исто сценарио две години по ред. Лани ЖРК Вардар ја отпеа „лебедовата песна“ во Лигата на шампионите. Годинава и машкиот Вардар е на чекор до „Фајнал фор“ за фајронт.

Во фантастична атмосфера со многу емоции и убави потези вардарци се простија од скопската публика, во голем стил и со +8 против Пик Сегед. Предност што треба да ја одбранат на реваншот во Унгарија и да го заверат третиот настап во Келн. Вториот круг за Вардар е на 5 мај…

А, потоа, секој по својот пат.

Исто како вардарки лани во Будимпешта.

И лани се излеа река солзи за Јока, за Дуду, за Лекиќ… И се собираа потписи, се покренуваа инциијативи и се бараше некој да го спаси тимот што за газдата стана „голем трошок“, ама нас „радост ни носи“ и пет фајнал-фор-и… Се сеќава ли воопшто некој на сето тоа, една година подоцна? Само малкумина, откако помина еуфоријата.

А, иницијативите, потписите…кај завршија?

Вардарци станаа специјалист за овие големи одјавни победи и за навивачка еуфорија до несфатливи граници.

Газдата објавува крај, а „црвено-црните“ потоа играат како да им е последен меч во животот, за себе и за публиката. Да жалат навивачите уште повеќе што утре ќе ги нема и да бараат очајнички начини да го задржат тоа  што им носи радост. Со евро или две, можеби и три.

А, требаат 7-8… ама милиони!

2.Желбата наспроти бројките и фактите

Желбата и еуфоријата, медиумски подгреана на „стотка“, тука веќе се косат со реалноста. Во Македонија приземјувањето никогаш не е популарно, а богами, не носи ни лајкови ни кликови. Но, реалноста е таа. И бројките и фактите.

Вардар ја игра последната сезона во ова и вакво издание. Самсоненко со соопштение до јавноста најави дека во јуни се повлекува од клубот. Играчите си заминуваат, повеќето веќе со ставен потпис на договорите со новите клубови.

РК Вардар како акционерско друштво, официјално, за 2018 година има пријавена загуба од точно 74.317.934,00 денари. Што е за околу 30 милиони денари повеќе од претходната година кога загубата на шампионот била 44 милиони денари.

Според официјалните податоци, буџетот на РК Вардар во шампионската 2017 година изнесувал околу 8 милиони евра. Тука практично е и пресвртницата, бидејќи официјалните финансиски податоци покажуваат дека во 2016 година РК Вардар имал буџет од околу 7 милиони евра и годината ја завршил со добивка од 11 милиони денари. А во шампионската 2017 имал 8 милиони евра и загуба од 44 милиони во денари.

Овие бројки се само илустрација колку реално чини шампионскиот тим конкурентен за европската ракометна елита на Ф4. И дека тоа баш и не се „некои 2-3 милиони“ и нешто што се покрива со плаќање „вардарина“ и со иницијатива „да собереме по едно евро и да го сочуваме Вардар ваков каков што е“, колку и тоа да звучи убаво од навивачки агол. Ниту пак е сума што државата туку така ќе ја издвои од буџетот и од даночните обврзници за спас на брендот или за мерак на 5-6.000 навивачи! Ако се знае дека едвај се одвоени 6 милиони евра вкупно за сите спортови во Македонија за фамозниот „ваучер систем“ според последните измените во Законот за спорт.

Впрочем, според сопственичката структура, РК Вардар е АД, или клуб во приватна сопственост. И ако заборавивте, на тоа често се потсетуваше изминативе години кога се бранеше правото на клубот да си ја крои клупската политика како сака. Ви текнува на она, зошто нема повеќе македонски играчи во Вардар – клубот е приватен кого сака ќе купи?

Е, па приватна сопственост не може никако да биде општествена одговорност, колку и да ги сакаме „црвено-црните“. Ниту пак е морал и одговорност на „успешните“ да плаќаат туѓи долгови, на добра волја и за атер на сите оние што се изнасликаа во „Јане“.

Што ќе биде со Вардар после јуни? Ова прашање го поставивме и претходно и тоа останува да виси во воздух и по онаа блескава победа против Пик Сегед. Погледот по инерција се врти на едно стандардно место на трибините и познатиот лик кој е секогаш тука и на СЕХА и во ЛШ, и во добри и во тешки времиња за клубот – вечниот вардарец Михајло Михајловски.

„Комити“ и јавно го повикаа стариот претседател „како синоним за името Вардар, јасно, гласно и недвосмислено да се приклучи на проектот за зачувување на величината која се вика Вардар!“

Старите вардарци и оние што беа со „црвено-црните“ и во Расадник и во Кале, добро знаат дека Михајловски не би го оставил Вардар да пропадне. Но, има тука и една друга битна работа. Михајло Михајловски во 2013 година му го препушти Вардар на Сергеј Самсоненко. Не беше европски шампион, но ги имаше Стоилов, Карачиќ, Абутовиќ…и „чиста сметка“. Сега Вардар е малку „заматен“, има европска титула и нов имиџ, но и милионски долгови.

И тука веќе приказната добива една друга димензија.

3.Талант, Раул и милионите…

Не е сè до парите, ќе рече некој. Во прилог на тоа оди и победата на вардарци со плати во минус, и поразот на ПСЖ со 18 милиони на располагање.

Ама, не е ни секој ден Велигден!

На македонската приказна со малку повеќе утопија „од евро до милион“ тамам дојде поразот на ПСЖ од Келце. Талант Душебаев со помалку пари во буџетот и со преполовен тим мангупски ги среди париските милионери и му ја расипа француската идила на „ел команданте“.

Колку да направи белја и да ја подгрее надежта дека ете, навистина – НЕ е се во парите! Оти, нели овие од Париз имаат сè што може да се купи со нивните 18 милиони. Ама, немаат хемија, што би рекле овде кај нас.

Раул со македонската слава, отиде во Париз да им донесе титула, а на крај како тргнало, нема ни да го однесе ПСЖ во Келн! Освен ако не направи чудо во реваншот.

Или… да му текне на шеикот да им прогласи „фајронт“ на „милионерите“, па Карабатиќ и другарите да заиграат како вардарци кога им е последна…

Во Келце си  ја фатија шемата. Секоја година имаат криза во најава, ама Бертус Сервас си останува, а Талант на крај фино си пазари. По нешто во Скопје, малку и во Париз…

Ако не е до парите, до умешноста е!