СЕДМЕРЕЦ:  Македонски аршини…

Што тежи повеќе – победа со два и пол дена или победа со три дена тренинг?!

  1. Исланд како судбина

Македонија го победи Исланд во Рејкјавик, го надигра во Скопје и само „секунд“  фалеше наместо реми да имаме и втора победа и формална заверка на пласманот на уште едно европско. По најтешкиот пат, нормално.

Данило Брестовац како факир помина низ селекторското „огнено крстување“ и тоа со подмладен состав. Без експериментално-сикретните фамозни „7 на 6“, туку со нормални ракометни „6 на 6“ – ФАЛА БОГУ! И без Жути и без Јоно и без Митков… И дефинитивно, со проект за иднината, со Филип 1 и Филип 2 на одговорност, со Танкоски во резерва, но наменски уфрлен да раздвижи кога треба. На бек, се разбира. И сето тоа со два и пол дена тренинг…

Значи, можело!

Тешко дека само на среќа и на „остатоци од минатото“ можеш два пати да го надиграш Исланд и Гудмудур Гудмундсон, селектор со олимписка титула во си-ви-то, колку за потсетување. Помалку или повеќе, истиот тој Исланд со кој онака на број досега имаме само четири победи од вкупните 17 средби на голема сцена и што само пред три месеци не отпиша во Минхен од вториот круг на СП.

Сакале да признаеме или не, Брестовац со сиот ризик да изгори уште на стартот, и да го „изеде“ јавноста уште неседнат на клупа, имаше храброст  да ризикува, да го реализира подмладувањето со план за иднината без да мисли само на сегашноста и на својата позиција. За разлика од некои други. Да нема забуна, дека ова против Исланд е врвно и беспрекорно – не е и не може да биде. Има уште многу што да се поправа и доправа во играта и во тактиката, па и во составот. Но, првиот чекор е направен, пласманот на ЕП, па да кажеме веќе обезбеден иако не и формално. И за тоа на селекторот треба да му се честита.

Го преброди Исланд во 17 меѓусебна пресметка прв пат со позитивен скор. Или што ќе рече во шега еден од исландските колеги – „…треба да воведат правило Македонија и Исланд секогаш да бидат во иста група, инаку не е интересно…“

Рибари другари!

  1. „ОВАА“ и „ОНАА“ победа…

Пред  две години, некаде отприлика во ова време и во приближно слична квалификациска каша „до небо“ и назад го величавме Раул Гонзалес за таа победа против Исланд во Скопје со три дена тренинг.

Брестовац сега беше во уште понезавидна ситуација. Со „два и пол дена тренинг“ и со репрезентација во транзиција, шокирана во Кожани и елиминирана во Минхен, успеа да ги состави коцките и да остана непоразен од Исланд. Уште повеќе, успеа да направи нешто што не и успеало на ниедна друга репрезентација цели 13 години – го победи Исланд во Рејкјавик. Го задржа континуитетот, но и фокусот на иднината.

Се разбира дека за еден месец селекторски стаж и два дена тренинг не ги научи да играат ракомет ниту пак измисли „топла вода“, ама таму каде што недостасуваше ја врати самодовербата, желбата, инаетот и борбеноста, што ги загубивме таму некаде на пат од Битола до Кожани. И тоа мора да му го признаеме, колку и да се нашите аршини изместени во мерењето што е повредно – „онаа“ или „оваа“ победа.

Ако е за право, колку и да има заслуги од претходните, ова ново издание на македонската репрезентација,  па баш и не наликуваше многу на онаа „разбиена чета“ на „ел команданте“ или на експерименталната лабораторија од претходно.

Ама ако се направи подетален мониторинг, па може да се најде и по некоја оставина од минатото.

Така, како што се полнеше мрежата на „рибарите“ на Исланд, ми личеше дека ракометарите играат по старата тактика на Шундо – „клавајте голови“.

Психолошки испразнетите „пет накај шест“ одбрани на голманите беа како да е Лино на клупата, не Данило!

А,оној последниот гол на Манасков во Рејкјавик беше „плукнат ист“ како оној против Србија на ЕП во Полска и личеше на „тактиката“ од Краков. Па и стајлингот на Брестовац потсетува на оној на Обрван.

Останало од сите по нешто…

  1. Изјава со две лица

Не е лесно, ама секако е доблесно да се признае грешката. Или, во најмала рака –  да се објасни ситуацијата за доброто на репрезентацијата.

Капитенот Кире Лазаров малку на непригоден начин му го „честита“ селекторското деби на Брестовац во Рејкјавик.

Или лошо беше сфатен кога изрази задоволство од победата за која  како што рече – „користеле работи“ од екс селекторот Раул,  а Брестовац бил коректен и ги оставил да играат. Иако на тоа имаше и дополна дека „со ова не се омаловажува успехот на новиот селектор“…сепак, изјавата од Рејкјавик во етерот прозвуче некоректно и имаше лош одек.

И токму затоа, доби и „скопско објаснување“ – коректно.

„Јас по натпреварот со Исланд имав една изјава која некои ја сфатија позитивно, некои негативно…Со Данило разговаравме и мислам дека тој многу човечки ја прифати таа изјава, иако знам дека можеби не беше моментот за таква изјава. Го кажав тоа што го мислев затоа што бев среќен што победивме и се уште го мислам… Да имав нешто против Данило немаше тој да биде мој тренер на кампот. Секогаш јас и мојата екипа му дававме најдобра група затоа што го почитуваме како тренер. И сакам сите недоумици кои ги имаме, имате, имам… да бидат расчистени со оваа изјава и дека никогаш, против никого и против ниеден селектор не сум имал ништо против. Така ќе биде и во иднина. Сите работиме заедно во интерес на македонскиот спорт и на македонскиот ракомет“ – рече од збор до збор капитенот Кире Лазаров.

И така…

Тренер во камп и селектор исто му доаѓа!