СЕДМЕРЕЦ: За секого по нешто…

Работник го прегази Металург во плеј-офот, Металург го победи Вардар во Купот, Вардар ќе игра на Ф4 во ЛШ…и сите задоволни!

1.Куманово на „кривинку“

Вардар стигна до Келн, ама во Куманово не помина. „Црвено –црните“ по апсолутната доминација во изминатите пет сезони, годинава ја загубија титулата во Купот на Македонија. Им ја зеде Металург „на пенали“, како во добрите стари времиња. „Металурзи“ си ја заслужија титулата иако во прв момент сигурно, ни сами не можеа да поверуваат дека Куп пехарот е во нивни раце. Повторно после долго време и тоа во исклучително турбулентна сезона во која ја загубија вицешампионската позиција, а со тоа и местото во СЕХА и потенцијално во ЛШ. За утеха, ја имаат Куп титулата и место во ЕХФ купот за следната сезона.

Работник го прегази Металург во плеј-офот, Металург го победи Вардар во Купот, Вардар ќе игра на Ф4 во ЛШ…и сите задоволни!

Иако атакуваа на рекордни шест титули во низа, вардарци по сензационалниот пласман на Ф4 во Лигата на шампионите, дома малку како да се олабавија и во Куманово се „лизнаа“ на седмерци. А, можеби и попушти и еуфоријата, во ситуација кога и со титула и без титула на крај исто му доаѓа.

На навивачите на Вардар, додуша, не им беше право што отиде пехарот во Автокоманда, ама брзо најдоа „позитивен знак“ во поразот и некако се утешија. По она „дежа ву“ полуфинале со Барса и поразот од Металург бил за среќа во Келн исто како во шампионската 2017, кога Вардар загуби во Автокоманда, ама потоа стана европски шампион.

И Куманово почнува на К како Келн на „кривинку“. И кризата е на К, и круната исто така…Космичка поврзанот. Сè е знак.

„Само Бог знае каква ќе биде иднината на Вардар“ – рече Симе Симовски како предводник на женскиот тим на Вардар кој пак во финалето загуби од Куманово. Кумановки исто како металурзи му се израдуваа на Куп пехарот, за нив прв во историјата, освоен со две големи победи против досега неприкосновените Вардар и Металург, со ЖРК предзнак.

Интересен кумановски ракометен викенд, во секој случај.

2.Прв човек, втор газда…

Во меѓувреме, и понатаму „само Бог“ точно знае каква ќе биде разврската за иднината и судбината на Вардар.

Другите само нагаѓаат.

Загрижувачки прозвуче аберот од Русија со изјавата на Тимур Дибиров за исписниците на рака, посебно во оној дел „ни кажаа дека клубот ќе го нема…“

Нешто многу оптимизам немаше ни во неодамнешниот телевизиски настап на луѓето од раководните структури на клубот.

Најреална, остана само надежта дека Михајло Михајловски некако ќе најде начин да го спаси Вардар.

Во меѓувреме помина и „граничниот“ 10 мај со нагаѓања и најави „од сигурни извори“ за големи инвестииции во брендот, но, сè уште, без официјална потврда.

А, во такви ситуации лесно се разврзуваат секакви приказни. Па дури и таква дека „и Самсоненко ќе остане газда и Михајловски ќе биде „прв човек“ во клубот?!“

Вртејќи ги „правните рамки“ на овие и вакви комбинации, ми текна и како беше „одлепена“ Ватростална од „црвено-црниот“ дрес пред некоја година. Онака, случајно.

Може ли да функционира тоа баш така?

Тешко…

Иако не е исклучено да има и некоја „двојна комбинација“ додека не се подмират долговите.

И оние девет плати што ги спомна Парондо. Иако според македонската регулатива и Законот за работни односи, можат да бидат максимум три. Уште еден од парадоксите што во еуфорија поминуваат како „нормална состојба“.

3. Пари и „Ферари“

Своевиден парадокс е и „евро за спас“ на жиро сметка  и црвеното „Ферари“ на паркингот пред „Јане“. Не она фигуративното на Давид Дејвис, туку она вистинското покрај Тимур Дибиров.

Црвеното „Ферари“ блесна во полн сјај на социјалните мрежи, можеби и во вистински момент за покаже што имаат и колку реално вредат вардарци. Или барем поголемиот дел од шампионскиот тим. И да не врати во реалноста по „евро еуфоријата“

Навистина, што стана со иницијативата? И со уплатите за спас на шампионот, што стартуваа со толку ентузијазам и медиумска помпа за која од петни жили повикуваа и пријателите од регионот?

Од почит кон иницијативата, официјално не се соопштени резултатите.

Неофицијално, биле собрани околу 2-3 илјади евра. Недостасуваат само уште некои „милион и двеста“ за да бидат „планираните“ два милиони.

Како и да е, Вардар и со пари и без пари, на пaркинг има „Ферари“!  Да сте живи и здрави.