СЕДМЕРЕЦ: За добрите стари времиња!

Има многу сличности, но и многу разлики меѓу „приказните“ на двата македонски шампиони – Кометал ЃП некогаш и Вардар сега.

1.Кометал шампионе 17 години подоцна

Пред некој ден пред мене гледам еден човек во удобна жолта маичка со познато лого на градите и зелен натпис „КОМЕТАЛ“ на грбот. Не е „реплика“, туку добро сочуван „оргинал“ – навивачка маичка од оние во кои пред 17 години се славеше Кометал Ѓорче Петров и историската прва титула за Македонија во Лигата на шампионите која  буди убави спомени и носталгија по старите добри времиња.

Квалитет што трае цели 17 години и сè уште „се носи“ и се памети! И маичката и Кометал Ѓорче Петров и тој историски 19 мај.  Не одолеав да го забележам моментот и жолтата маичка со „Кометал шампионе“.

Приказната на првиот европски шампион од Македонија заврши уште пред десет години, но од таа 2002 година до денес, 19 мај се слави како ден на „Кометал шампионе“. И се памети како да било вчера. Можеби затоа што тоа беше првата европска титула за Македонија во екипните спортови. Можеби поради неизмерната радост и енергија што ја носеше клубот.  Можеби поради истрајноста и пркосот на Кометал ЃП и големото враќање по едногодишната казна од ЕХФ. Поради старото добро „Кале“, поради Трифун Костовски кој прв направи европска приказна со тимот од скопското предградие и го прослави „Ѓорче“ до Виена.

И ден-денес кога ќе го сретнете Трифун Костовски и во еден друг мај со носталгија ќе помуабетите за „старите добри времиња“, како асоцијација веднаш доаѓа и оној другиот стих од старата химна со која Кометал Ѓорче Петров на свој начин им пркосеше на противниците, на моќниот Хипо, на Виена…

„Како е добро видети те опет…“ –  во македонскиот ракомет.

Такви луѓе и таква енергија секогаш се добредојдени. Или да парафразирам една легендарна изјава во македонска верзија – да ги собереме сите мудри глави за доброто на македонскиот ракомет. Зошто да не?

2.Парондо „се отвори“

Токму во таа насока е и враќањето и заложбите на Михајло Михајловски за спас на Вардар „заматен“ во криза и долгови, но се уште доволно силен и пркосен да стигне до завршницата во ЛШ и да се бори за уште една европска круна.

Има многу сличности, но и многу разлики и временски 17 години меѓу „приказните“ на двата македонски шампиони – Кометал ЃП некогаш и Вардар сега.

Едниот веќе го нема, другиот е или беше во опасност да го снема. Надежта пред Келн ја врати стариот претседател. Во меѓувреме се попишмани и актуелниот за уште една сезона. Дел од играчите после Келн дефинитивно заминуваат од Вардар, дел решиле да ја почекаат разврската или барем засега, да ја пролонгираат одлуката.

Новости од Вардар и онака нема многу. Освен кога ќе се „отворат“ Шпанците за шпанските медиуми со финансиските детали за македонската криза. Таму „Јане“ не може да интервенира како овде.

Па така лани Жоан Канелјас прв ја отвори „Пандорината кутија“ кога на шпански се пожали дека во Скопје нема плата, а ни трпение кога се живее „од заштеда“. Сега „се отвори“ и Роберто Парондо. Прво откри дека вардарци играат без девет плати. А, деновиве во „Ас“ се пожали и дека во Македонија тешко се живее со 500 евра плата. Толку добивале вардарци месечно, остатокот им бил со гаранција „заверен на нотар“ дека ќе ги земат.

Некаде сигурно е заверена и сумата за задолжителните придонеси што се плаќаат во Македонија. Или тоа е само на оние 500 евра со кои во Македонија тешко се живее? Тоа е работа за надлежните институции, ние славиме само титули.

3.Кога нема ништо ново…

Во Македонија по обичај сè се случува кога „нема ништо ново…“  И додека рутински си тече суперлигашкиот плеј-оф, во позадина си течат и прегрупирањата за следната сезона.

Не е неизвесно само во „Јане“, неизвесно е и во Автокоманда што ќе остане од тимот за следната сезона. Заминуваат двајцата Словенци официјално, а заминува и голем дел од македонската младина, што официјално, што неофицијално. Дел во „белиот свет“, друг дел во Битола, а трет дел може и на другата страна, преку Вардар.

Ривалството меѓу Вардар и Металург одамна не е она што беше некогаш, но преселбата на играчите на едната или на другата страна секогаш е интересна за јавноста. Така беше и кога на времето Лино Червар го прелеа пола Вардар во Металург и го презеде приматот. Така беше и пред некоја година кога еден по еден неколку „металурзи“ го облекоа „црвено-црниот“ дрес предводени од Циндриќ и Борозан.

Така е и сега. Михајло Михајловски во својата проекција за спас на брендот, најави дека во новата сезона во составот на Вардар би требало да има и неколку македонски репрезентативци. А, каде би пазарел македонски производи на големо, ако не во Металург! И набрзо потоа во јавноста се појави вест дека тројца „металурзи“ летово може да станат нови „вардарци“.

Од Автокоманда засега нема ништо ново за новите планови и цели со загубена вицешампионска позиција. Но, затоа пак има уште една нова генерација на чекор до суперлигашка промоција. Додека има база нема зима.

 


Колумната „Седмерец“ ги изразува ставовите на авторот и истите не значат ставови и на редакцијата на 24 ракомет.