СЕДМЕРЕЦ: Ем подмладени, ем непоразени!

Смена на генерација, домашен селектор, четири натпревари без пораз и петто европско по ред…мисија успешна!

1.Резултатот се памети

„Што се запнавте за тој натпревар со Грција…“ така некако не караше Раул Гонзалес пред заминувањето од македонската клупа, кога и да го споменевме оној октомвриски шок-пораз во Кожани. Осум месеци подоцна во Струмица, конечно ни падна „каменот од срцето“. Ниту било „толку од оваа македонска репрезентација“, ниту пак Грција преку ноќ станала ракометна велесила.

Додуша, жешко беше и во Струмица во првите дваесетина минути, но, потоа работите си дојдоа на свое место. Не дека сега се беше беспрекорно перфектно и прецизно. Не, имаше и грешки и промашувања и простор за корекции. Но, и преземена контрола, одговорност и енергија заради рејтингот, честа на националниот тим и за публиката. Ако сакате и за победнички финиш и прво место во групата со кое Македонија го завери петтиот по ред од вкупните шест настапи на Европските шампионати.

На крај сепак, резултатот се памети, што би рекол капитенот.

Македонија ја победи Грција, го обезбеди првото место во групата и вториот шешир во ждрепката. Во шест натпревари од овој циклус има четири победи, едно реми и тој еден отрезнувачки пораз во Кожани. Македонската репрезентација го задржа континуитетот во настапите на големите натпреварувања. А, фати и една друга низа – прво место во групата во последните два европски квалификациски циклуси, прво за ЕП 2018, сега и за ЕП 2020. Пред две години со три победи едно реми и два порази. Сега со уште подобар скор – четири победи, едно реми и еден пораз.

И за прв пат – без пораз во решавачките последни четири натпревари. Плус, со подмладен состав и со нов домашен селектор во пакет со стручниот штаб. Згора на тоа, во вчерашниот последен меч и без Стоилов и Манасков, принудно отсутни поради повреди.

Транзицијата во поголем дел завршена. Мисијата успешна!

2.Вистински потег во вистинско време

А, не изгледаше дека ќе биде така. Ни во октомври во Кожани, уште помалку во јануари во Минхен. Но, обично, ризикот се исплатува ако има добра проценка. Во изминативе четири месеци, се покажа дека РФМ направи добар потег во вистинско време со професионализацијата на селекторската функција и со довербата што му ја даде на Данило Брестовац да ја истера транзицијата во нашата најуспешна репрезентација.

Од оваа перспектива според она нашето „секое лошо за добро е…“ излезе дека и оној несреќен пораз од Кожани бил „лошо за добро“. Да не се случеше можеби уште ќе си теравме по старо и никој ќе немаше ни храброст ни потреба, а богами, ни зорт да смени нешто. Ќе игравме за денес, не за утре, ќе чекавме Жути пак да се врати, а младината да фати 30-ка на клупа. Ќе мудрувавме дека нема млади и стари, туку само добри и лоши. Ќе филозофиравме дека нема да ги биде, оти Кузмановски не бил како Палмарсон на негови години, дека Талески не шутирал колку Шмид, дека Димитриоски е добар ама не е Уве, дека Серафимов не личел на Дика Мем …

Дека на Брестовац (44) му е рано за селектор, а на Парондо (39) не, оти овој е наш и ќе изгори, а Шпанците се демек, „огноотпорни“…

За среќа, се покажа точно токму спротивното. Не „изгоре“ ни селекторот, ни младината.

Напротив, се искали во овие неколку месеци новиот лик на македонската репрезентација. Па сега сме ем подмладени, ем непоразени.

Довербата оправдана, недовербата замолкната.

3.Кој знае ќе препознае

Додуша, си фати селекторот тактички прво на ладно на Исланд прва тура, па тоа вчера во Струмица веќе беше подносливо потење на сигурно. Со ЕП во џеб!

На крај на денот, или на квалификацискиот циклус, Данило Брестовац има подобар старт од сите селектори што продефилираа на македонската клупа во изминативе десетина години, без пораз во првите четири натпревари.

Патем, од Рејкјавик до Струмица, се смeни и голем дел од репрезентацијата. Талески и Кузмановски во Кожани тешко се составуваа со топката, а во Струмица веќе се профилираа како носители на играта на бековската линија водени од искуството на капитенот Кире Лазаров. Никола Митревски е рамо до рамо со Борко Ристовски во речиси идеална комбинација на голманската позиција. Дополнета со Мартин Томовски од „третата генерација“ веќе имаме долгорочна стабилна голманска конструкција.

Вратата на сениорската репрезентација сега е широко отворена и за Серафимов, Јагуриновски, Димитриоски, Маџовски, за најмладиот Никола Костески, а според најавите ростерот постепено ќе се проширува со сите оние што сериозно ќе тропнат на прагот на најдобрата селекција.

Полека се менува и перцепцијата за нашата најдобра селекција и се топи недовербата дека нема иднина за македонската репрезентација по заминувањето најуспешната генерација. Некако од инает го побивме и оној потеценувачки совет „мислете за денес, не планирајте за утре…“

Дрмна уште во жешкото во Струмица првиот бран од македонската ракометна треска за јануари.

Знаете ли каков мелем за ракометни души е кога онака препотено задоволни од победата, од една страна слушаш – Фитиљот влегува „на глава“ како Жути, а тек како ќе биде кога ќе го „стегнат“ во Бундес од септември…Од друга допира – Швеѓанецот сигурно ќе му даде повеќе простор на Тале во Рајн Некар, тамам да се „распуца“ во јануари…

А, некој се уфрлува – и оној малиот на крило не е лош, ќе го биде…

И продолжува муабетот – само да ни се падне Грац или Виена па да навали фалангата…па уште ако биде и балканска група, ќе биде весело…

И, тргнуваат шемите за ждрепката, за топчињата и за шеширите, за авионските конекции, за резервации и комбинации. За прв, за втор круг. Кај може да добиеме, каде ќе биде тешко, со кого ќе вкрстувавме…Отидовме и во втора фаза.

Кој знае ќе препознае…

Омилена дискусија што не се пропушта и заразна енергија за нова јануарска треска во најава. Од Кожани уста не ни се отвораше, сега пак се враќаме во старата форма. На арно ќе да е!