СЕДМЕРЕЦ: Ваучер систем

Кој е подготвен да се „тепа“, тој ќе игра…

1.По шешир во Ескишехир

Фајронт! Се ближи крајот на оваа бурна и непредвидлива ракометна сезона. Заситени од шампионските емоции и од сите промени и пресврти, што клупски, што репрезентативни, останува да се одработат уште последните два квалификациски натпревари на ракометарите, со Турција и со Грција.

После „огненото крстување“ со Исланд, македонската репрезентација е во многу покомотна ситуација со речиси веќе обезбеден пласман на следното  ЕП 2020, кој само треба и теоретски да се завери во последните два дуели.  И селекторот Данило Брестовац овој јуни може многу полесно да дише на секогаш жешката позиција и со младината да брка „шешири“ за ждрепката.

„Со мене очекувам да дојдат момците кои се подготвени да се „степаат“ со Турците…, рече селекторот Брестовац, најавувајќи го претстојниот квалификациски дуел со Турција, а помеѓу редови и новиот лик на подмладената македонска репрезентација.

Впрочем, таква беше и сликата на саботниот репрезентативен собир. Прва пристигна „младината“. Оправдано отсутни беа дел од интернационалците, а сигурно од некои оправдани околности, на првиот собир во „Палас“ не стигнаа и дел од домашните репрезентативци, од оние поискусните.

Дејан Манасков е повреден и нема да игра за репрезентацијата во завршната квалификациска фаза. Поради менискусот, Стојанче Стоилов  нема да се „тепа“ со Грците во Струмица…Тоа е македонскиот дел од „арачот“ за Келн. За среќа, во ситуација која не е толку опасна и загрозувачка за пласманот на ЕП 2020.

Во Ескишехир, македонската репрезентација ќе брка победа за заверка и за „поудобен“ шешир во ждрепката. Во Струмица се очекува сигурна победа и и да и вратиме на Грција за оној неочекуван есенски шок во Кожани.

Ако се тече според планот, ќе биде и континуитетот задржан и репрезентацијата подмладена, и селекторот олабавен од притисоци.

И раната залечена. И сезоната на крај успешна.

2.Далеку е Јапонија

За жал, финишот на сезоната не беше таков и за женската репрезентација. Уште еден обид на селекторот Симе Симовски и на неговите избранички за враќање на големите натпреварувања заврши само до баражот.

Пласманот на македонската репрезентација во баражот за СП во Јапонија  беше чекор напред, а двомечот со Словенија донесе и зрак надеж дека битката не е однапред загубена. Но, за волја на вистината, само со надеж, не можеше да биде ни добиена. Уште на првиот меч во Скопје и покрај оние 30 гола, се виде дека и на најискусните во нашиот состав се уште им недостасува искуство за големи победи. На реваншот се потврди тоа уште поубедливо.

 И на крај, пак далеку е Јапонија, а уште подалеку европската и светската елита во женскиот ракомет.

„Децениската дупка“ воопшто не е „комотна ситуација“. Не се ни можности, а ни изборот на ракометарки. Но, можеби е време и Симовски како Брестовац да пресече и да сврти нова страница.

Кој е подготвен да се „тепа“ за репрезентацијата – тој нека игра. Кој не нека одмара!

За да не биде повторно и повторно причината за поразите да се бара во данокот на неискуството… и во потфрлување на искуството.

3.Ваучер систем

Вардар е македонски и европски шампион, ама Металург е најуспешен ракометен колектив. Прилеп има „ваучер“ од 109.000 евра, ама ќе си го „троши“ во Прва лига откако Работнички во баражот му го презеде суперлигашкиот примат. Ама новиот скопски суперлигаш се уште се бори за „ваучерите“ заедно со прволигашите…

Вообичаено, во се се меша малку политика и тешко е се да се разбере.

А, нормално, и секој си има свое право и своја вистина.

Стои и факт се сите успеси на Вардар, како и кризата и помошта. После Келн не е толку лошо како што изгледаше во април, ама не е ни до крај бајно и сјајно. Ниту пак е до крај расчистена неизвесноста, кој со кого преговара и договара. Кој ќе ги обезбеди милионите, кој ќе го има првиот, а кој последниот збор кај „црвено-црните“. И со парите и со потенцијалните засилувања кои засега се уште се во графата – најавени.

Металург го освои Купот, но ги загуби вицешампионската титула, местото во СЕХА и голем дел од актуелниот тим. Во таква ситуација, сатисфакција во Автокоманда се уште е базата и системот кој им донесе најмногу титули вкупно во помладите категории. Тоа им дава право да се пофалат дека се уште се најуспешниот ракометен колектив без разлика што тоа не го прифаќаат оние кои на ист кантар ја ставаат европската титула на вардарци и младинската база на металурзи…

А, за ваучерите…Е, таму ни „оној од горе“ не може до крај да ги разбере критериумите и зошто идните вложувања зависат од минатите успеси. Тука прволигашите, а и дел од суперлигашите ќе играат „на продолженија“ со РФМ и со АМСМ.

Ваучер систем! Кој го сфати нека јави…