СЕДМЕРЕЦ: Вардар со карактер – нема лимит

Со девет плати во минус до „хет-трик“ во Келн, тоа го можат само вардарци!

1.Од „мртов агол“ до Ф4

Кога во полн ек на претседателски избори наместо гласови се бројат голови, се знае кој е победник на денот! Вардар одново ја крена Македонија на нозе и преку сите препреки по трет пат по ред стигна до Келн. Сезонава можеби и по најтешкиот пат од сите досегашни.

На реваншот во Сегед, вардарци го заверија тоа што во голем стил го почнаа со онаа антологиска победа во Скопје. И уште еднаш покажаа срце и карактер со кој се уриваат лимити и се поставуваат нови стандарди.

Со девет плати во минус, со откажан газда и надвисната неизвесна иднина, со повредени бекови и со милион други пехови – Вардар стигна до Ф4! Заслужуваат восхит и респект и играчите и тренерот Роберто Парондо. На Шпанецот дефинитивно, мора да му се признае дека стана експерт за мотивација во кризна ситуација. И сигурно единствен во историјата што истерал два фајнал-фори, и женски и машки, во две години по ред со две екипи – без плата!

По ланското финале со вардарки во Будимпешта, Парондо се нафати на уште еден голем предизвик – да го наследи Раул Гонзалес во полна слава на машката клупа, со веќе преполовен состав од шампионскиот тим и со криза во најава. И згора на тоа – во пеколна група во ЛШ.

Многумина посакуваа, но ретко кој се осудуваше да помисли на Келн на стартот од сезоната. Дури и ЕХФ во првите ранкинзи ги избриша вардарци од листата на фаворити. Но, „црвено-црните“

уште еднаш ги поместија границите. Стартната победа против шампионот Монпелје беше добра најава, а финишот во Сегед потврда дека вардарци тимски може да испливаат и во финансиски сушна сезона. И да извлечат максимум и од најнеизгледна ситуација. Како Тимур Дибиров со оној вртен погодок од „мртов агол“ со кој го „уби“ Пик Сегед и го сврте мечот за Келн. А можеби му ја запечати и судбината на нервозниот Хуан Пастор.

2. Повратници и победници

И ако ланскиот Ф4 во Будимпешта беше дебитантски предизвик за Парондо и „лебедова песна“ за вардарки, годинашниот Ф4 во Келн е и ќе биде многу повеќе. И за Парондо и Вардар.

Завршницата на ЛШ годинава ќе биде посебно интересна. Има шпанска тренерска доминација на сите четири клупи, прв пат нема Германци и Французи, ги нема ни милионерите од ПСЖ со Раул на клупата, ни шампионот Монпелје, ниту пак ланската сензација Нант, ниту Фленсбург, ниту пак Пик Сегед…

Но, затоа пак, во Келн ќе ја има Барса со новата генерација, Веспрем со Дејвис на турбо погон, Вардар и Келце со посебна мотивација. Сите четири екипи од иста група прв пат во историјата, откако е воведен Ф4 форматот во Лигата на шампионите, повторно ќе ги одмерат силите за победничкиот пехар во завршницата на ЛШ. Уште една потврда колку била вистински „пеколна“ групата А.

Барселона и Веспрем по ланската рана елиминација, годинава повторно се враќаат во големата четворка.

Келце две години чекаше за повторно да го види Келн.

Вардар е стандарден и единствен со три настапи во последните три изданија на Ф4 турнирот во ЛШ! Успех за респект.

И, каква и да биде финалната разврска во Келн – македонскиот шампион е веќе голем победник.

3. Добра вест во вистински момент

Ако известувањето од Самсоненко дека во јуни ќе биде крај, пуштено на пет дена пред четвртфиналето беше лоша вест во лош момент, охрабрувачкиот потег од стариот претседател Михајло Михајловски на два дена пред реваншот беше и тоа како добра вест во вистински момент за Вардар.

„Сакам на играчите на Вардар да им посакам среќа во реванш натпреварот од четвртфиналето на ЕХФ Лигата на шампионите и да се вратат во Скопје како победници“ – искрено посака Михајловски и желбата му се исполни.

Но, што е уште поважно во овие критични моменти за иднината на клубот, почесниот претседател јасно стави до знаење дека нема да го остави Вардар да пропадне, дека сака да помогне и може тоа да го спроведе, со „срце вардарско“ и тридеценска поврзаност со клубот и со сиот свој кредибилитет во бизнисот и во спортот.

Михајловски даде надеж и ги замоли играчите за трпение до 10 мај. Со јасна визија што сака и што може да направи за да се спаси Вардар – да се задржи костурот од сегашната екипа, но и да се врати стариот белег на „црвено-црните“ со 5-6 актуелни или потенцијални репрезентативци и постепено да се создава костурот на македонската репрезентација.

Сега сигурно ви е јасно зошто изминативе денови сите што го сакаат Вардар и ракометот со право го насочуваа погледот кон Михајло Михајловски. Ако некој може да го спаси брендот тоа е вечниот вардарец пред сите други.

Еден живот – една љубов!