СЕДМЕРЕЦ: Акција – реакција

Брестовац, сепак, ќе биде само селектор, а Металург ќе си го бара „чарето“

1.Македонска шема

Уште не седнат на селекторската клупа, Данило Брестовац веќе е на тапет на „стручната јавност“, и тоа не толку за сениорите колку за јуниорите и за кадетите! Наша реалност и тест на издржливост, посебно за македонските селектори. Ретко кој останал имун на притисокот…

Брестовац денеска ја има првата прозивка, а во среда и селекторското деби против Исланд во квалификациите за ЕП 2020. Со своја визија и со состав во транзиција. На кој, на крај на денот, па и нема некои посериозни жалби и поплаки. Напротив!

Ама затоа за кадетите во Бугојно само уште Цукерберг што не реагирал!

Добро е што се засилува конкуренцијата и што се „кршат копја“ околу националниот тим, посебно за оние помладите категории кои до пред неколку години воопшто и ги немаше на картата. Лошо е што влијанија и притисоци го кројат изборот, по сите линии. Па после, се амортизира и се компензира. Сега нашите, па ќе дојдат на ред и вашите… Ќе има за сите, само да не се таласа многу, тоа езерото во Охрид!

А, може ли, барем еднаш, и во Бугојно и во Габрово, да пробаме квалитетот да биде единствениот критериум? Проблемот лесно се решава, а може и воопшто ќе го нема, ако има јасен критериум и јасна стратегија. И поголема транспарентност. Избрал селекторот тренери, стручни штабови, списоци потесни или пошироки – бујрум прес-конференција со сите аргументи на маса! Чиста работа и за РФМ и за селекторот. За да нема нагаѓања, претпоставки, шпекулации, расипани телефони…

Впрочем, селектор на сите селекции, во превод значи и многу измешани работи, одговорноста, но и простор за алиби по хиерархија што кај нас од искуство, на крај обично завршува како добра замисла со лоша реализација.

И со Вујо на времето, и со Лино пред три години. Сега предизвикот е кај Брестовац и обврската да воспостави функционален систем, ама по македонска шема. И онака сега ќе биде професионално преокупиран само со селекторските работи.

2. Се разгорува битката

До пред 2-3 недели друг беше планот, но, на крај Данило Брестовац сепак, ќе биде 100% само селектор без дополнителниот клупски тренерски ангажман. А Металург (ќе) си го бара чарето малку порано од планираното. Аљуш така им пресуди.

Поразот на Металург од Еурофарм Работник во суперлигашкиот плеј-оф донесе (не)очекуван потрес во Автокоманда. Иако буквално, до средата се бараше начин како Брестовац да биде „два во едно“, и селектор професионалец и тренер во „базата“ во Металург, во четвртокот тој крена раце од Автокоманда.

Поразот беше поводот. Причини, веројатно, има повеќе.

На другата страна пак, „фармацевтите“ освен што го оставија главниот ривал без првиот тренер уште на старт од плеј-офот, сериозно ја загрозија и вицешампионската позиција на „металурзи“.

По триумфот во Автокоманда, Еурофарм Работник самоуверено го реши и Пелистер во битолското дерби и Стевче Алушовски сега од сигурна позиција влегува во борба за вицешампионската титула. И во овој суперлигашки плеј-оф тука ќе биде најжестока битката. Вардар секако, сè уште никој не го загрозува. Не се ни осудува, посебно кога „црвено-црните“ во полна сила тргнуваат по пехарите.

 

3. Да не ги фати инает

Вардар е неприкосновен владетел и во регионалната СЕХА лига. Го потврдија тоа во голем стил и на последниот Ф4 турнир во Брест. Прво го откажаа домаќинот Мешков Брест во намерата да го одбележат нивниот јубилеј со пехарот во СЕХА.

А, потоа во финалето, вардарци уште еднаш го преслушаа ППД Загреб, овој пат и „регионално“ и по петти пат го донесоа големиот пехар во Скопје.

Рекордна петта титула, трета по ред, седмо финале…Никој како Вардар. „Црвено-црните“ газат во свој стил, дури и кога немаат звучен состав како оној шампионскиот од пред две-три години. И не признаваат фаворити, ни домаќински, ни спонзорски, ни регуларно, ни јубилејно. Столе & компанија како ретко кој тим може да ги обедини инаетот, еден лакот во чело или колено во ребро, една повреда или судиска неправда.

Сезонава вардарци се решени да креваат пехари. После нека биде што ќе биде…

© Nebojsa Tejic / kolektiffimages