Светскиот првак со „терор“ над Русинките: Норвешка газеше шампионски во Магдебург

Селекцијата на Норвешка им одржа лекција по модерен ракомет на девојките на Евгени Трефилов, кој не знаеше што се случува со неговите ракометари на кои не им одеше ништо од рака на средбата во која очекуваа победа и пласман во полуфиналето.

Со целосна доминација од првата до последната минута Норвежанките едноставно беа феноменални. Победија со високи 34:17 и на тој начин едноставно покажаа дека овој триумф го заслужија максимално.

Осумте гола примени во првото полувреме во феноменална игра во одбраната, во која голманката Лунде доминираше на голот и правеше чуда, овозможија Норвешка рано да ја обезбеди победата и пласманот во полуфиналето.

После 15:8 во првото полувреме во продолжението од средбата стана јасно дека ќе нема никаков проблем за да се дојде до победа бидејќи Русија не успеа да се врати во ритам. Норешка продолжи да гази цврсто и сигурно да оди кон победа која на крајот беше потврдена со високи 17 гола разлика.

Трефилов имаше проблеми против Норвежанките и порано, а денеска едноставно ништо не функционираше, па мораше да го признае тешкиот пораз кој боли многу. Норвешка, пак, после овој триумф си обезбеди место во полуфиналето, а таму ќе има одмерување на силите со Холандија на патот кон финалето.