Сашо Србиновски: Со својата ракометна филозофија, Ал Замалек ќе даде една поинаква нота на Струшкиот турнир

Вечерва започнуваат возбудувањата на најстариот интернационален ракометен турнир во Македонија. Струга ќе биде домаќин на шест квалитетни екипи, а покрај европските Струмица, Бешикташ, Сесон Ренс, Динамо Букурешт и Бенфика, во ова издание како единствен претставник на Африка ќе биде египетскиот шампион Ал Замалек.
Завршните подготовки се во тек, а на ракометното игралиште покрај „Женска Плажа“ разговаравме со спортскиот директор на „Струга 2015“, Сашо Србиновски…

Струшкиот интернационален ракометен турнир оваа година се одржува по 43. пат, и оваа година како и минатите се потрудивме да донесеме ракометни екипи кои ќе го привлечат вниманието не само на струшката туку и на целокупната македонска јавност. Важно е да се напомене дека годинава стартуваа значајни инфраструктурни работи на самото ракометно игралиште, односно стартуваше изградбата на јужната трибина, во долниот дел на трибината е предвидено да бидат изградени и соблекувални, туш кабини и сето она што значи инфраструктура на еден спортски ракометен објект.

ЗА ПРВПАТ НА СТРУШКИОТ ТУРНИР ГОСТУВА НЕЕВРОПСКА ЕКИПА…

За првпат во историјата на Струшкиот ракометен турнир ќе настапи екипа која не е од Европа, станува збор за шампионот на Египет, а воедно и шампион на Африка, екипата на Замалек, која се надеваме дека со својата ракометна филозофија ќе даде и една поинаква нота на Струшкиот турнир. Во Струга првпат пристигнува и една екипа од Португалија , тоа е екипата на Бенфика, од Франција ја имаме екипата на Сесон која се наоѓа на средината на табелата во Француското првенство, романски Динамо Букурешт кој во престојната сезона влегува со голем буџет и големи амбиции, минатогодишниот учесник во Лигата на шампионите, турски Бешикташ кој исто така е клуб кој од година во година расте, и честа на македонскиот ракомет ќе ја брани второпласираната екипа во нашето првенство, струмички Зомимак. Мислам дека овие екипи ќе го привлечат вниманието на струшката и на целокупната македонска јавност.

КОЛКУ Е ХЕНДИКЕП НЕУЧЕСТВОТО НА ВАРДАР И МЕТАЛУРГ?

Секако дека е хендикеп, посебно неиграњето на Вардар кој во последниве две-три години важи за екипа која многу напредна во Европски рамки и има големи амбиции во Лигата на шампионите, секако дека ќе биде хендикеп и во квалитет и во однос на интересот од самата ракометна публика. Како и секоја година така и оваа, организацијата на Струшкиот турнир направи сè учесниците да се чуствуваат убаво, да бидат исполнети сите побарани услови од страна на клубовите, кога мислам на условите мислам и на тренинзите кои беа побарани да им се овозможат, во сала или на игралиштето.
Морам да напоменам дека досега не сме имале никакви забелешки во однос на условите и на самата организација на турнирот, напротив добиваме само позитивни критики и коментари што секако претставува мотив за понатамошна успешна работа на уште повисоко ниво.
Што се однесува до Вардар, тие нема да настапуваат оваа година, се одлучија да настапат на друг турнир што секако е нивно право, но сметам дека традицијата на Струшкиот ракометен турнир треба да ја почитуваме не само ние во Струга туку сите инволвирани во македонскиот ракомет. Тука посебно ќе го спомнам големите екипи кои со своето учество треба да придонесат за надградба на традицијата и секако на квалитетот на турнирот. Металург до пред дваесетина дена беше сигурен учесник на турнирот, меѓутоа и тие го откажаа своето учество без официјално објаснување кои се причините за овој потег. Сепак тоа е нивна одлука, а неофицијалните информации за нивното откажување не би ги коментирал бидејки веќе би влегол во сферата на шпекулации. Како и да е, мислам дека овие екипи кои што ќе настапат ќе го направат турнирот доволно квалитетен.

БЕШИКТАШ Е ЕДИНСТВЕНИОТ УЧЕСНИК ВО ЛШ. КОЛКУ ТОА ПРИДОНЕСУВА ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ТУРНИРОТ?

Наша интенција како организиационен одбор на турнирот е најпрво да влеземе во преговори со екипи кои се повеќегодишни учесници во ЛШ, меѓутоа свесни сме дека во овој момент сме далеку и финансиски и инфраструктурно да ги донесеме најдобрите во Струга. Сепак се надевам дека во иднина со завршувањето на проектот за ракометното игралиште ќе добиеме еден спортски објект кој ќе ги задоволува и најстрогите критериуми на големите екипи.

ЗОМИМАК Е ЕКИПАТА КОЈА ОВАА ГОДИНА ЌЕ ЈА БРАНИ ЧЕСТА НА МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ. КОЛКУ СМЕТАТЕ ДЕКА УЧЕСТВОТО НА МАКЕДОНСКА ЕКИПА ВЛИЈАЕ НА ПОСЕТЕНОСТА НА ТУРНИРОТ?

Последниве неколу години во Македонија, Вардар и Металург се профилираа како топ македонски екипи кои многу направија и во европски рамки, па паралелно со тие успеси публиката се определува за еден од тие клубови. Меѓу овие два клуба, како и меѓу нивните навивачи се создаде едно големо ривалство, така што посетеноста во последниве години на турнирот мора да признаеме дека и се должи на учеството на Вардар и Металург. Доказ за тоа е и минатогодишното финале помеѓу овие два клуба кое беше најпосетено финале во историјата на Струшкиот ракометен турнир, токму поради нивниот квалитет и ривалитет кој постои помеѓу нив. Екипата на Зомимак последниве години забележува одлични резултати, екипа која од година во година расте и тимски и организациски и секако резултатите не се случајни. Реално, мислам дека не може да го привлече вниманието како Вардар и Металург, но одевме на картата дека Македонија мора да има еден преставник на турнирот, затоа и ги поканивме. Мислам дека на нивото на посетеност на натпреварите големо влијание ќе има и екипата на Зомимак.

ДОКОЛКУ КАКО РЕПЕР ГО ЗЕМЕМЕ НЕКОГАШНИОТ ТУРНИРОТ ВО ДОБОЈ, НА КОЕ НИВО СЕ НАОЃА МОМЕНТАЛНО СТРУШКИОТ РАКОМЕТЕН ТУРНИР И КОГА БИ МОЖЕЛ ДА ГО ДОСТИГНЕ ТОА ЕВРОПСКО НИВО?

Мора да напоменам дека и финансиската и организациската конструкција на турнирот во Добој и Струга се максимално различни. Зад Меѓународниот турнир во Добој комплетно стои владата на Република Српска, така да во однос на тој финансиски дел барем во минатото тие немаа никакви проблеми. Последниве години кога имаа драстично намалување на буџетот, од ракометен аспект и квалитет мислам дека нашиот турнир беше далеку поквалитетен. Во однос на инфраструктурата тие имаат еден дефиниран полузатворен ракометен терен, додека пак ние сме во фаза на решавање на тој проблем, со чие завршување како што кажав претходно ќе имаме еден спортски објект кој ќе ги исполнува сите услови и критериуми кои што ги бараат екипите, а во иднина и драстично ќе ни ја олесни организацијата на самиот турнир.

Традицијата на интернационалниот ракометен турнир во Струга продолжува, а квалитетот на екипите и досегашната трага која овој престижен турнир ја остави во македонскиот ракомет се сведоци на значењето на овие ракометни августовски четири денови.