Руска инвазија на Македонија: Алексеј Пешков доаѓа во Металург?

Ако своевремено беше пракса во Кометал Ѓорче Петров да доаѓаат ракометарки од просторите на Советскиот Сојуз, во последно време тоа стана пракса на машките клубови во Македонија. Во Вардар, играат петмина Руси – Тимур Дибиров, Сергеј Горбок, Дмитри Кисељов, Данил Шишкарев и Глеб Калараш, додека во Бутел Скопје дојде Алексеј Григорјев, а таму игра и украинскиот голман Богдан Панченко.

Во тимот на Металург своевремено играше десниот бек Олег Маљцев од Украина, а Сергеј Погорелов имаше неуспешна авантура со „сино-белите“. Тимот од Автокоманда сега е на добар пат да се засили со десниот бек Алексеј Пешков, кој до скоро беше член на турската екипа Селка Ескисехирспор.

Станува збор за искусен играч кој има 36 години, висок 200 цм, а тежок 100 кг. Пешков потекнува од позната школа на Чеховски Медведи каде играше шест сезони. Потоа една одигра за Целје, па две за полската Висла Плоцк.

Се врати во Украина, каде играше за Динамо Полтава и ЗТР Запорожје, а три во словачкиот Татран Прешов, пред да ја почне турската авантура, која заврши неуспешно поради финанскиот крах на Селка. Металург на десната бековска позиција го нема повредениот Мартин Велковски, па тренерот Данило Брестовац комбинира со Мартин Серафимов и Томи Јагуриновски.

Сепак, тимот од Автокоманда не сака ништо да препушти на случајот и посакува да го ангажира Пешков пред средбите од плеј-офот во Суперлигата, со оглед на тоа што и другите екипи ги засилуваат своите редови и нема да бидат лесен залак. Каков ќе биде епилогот од преговорите меѓу рускиот интернационалец и Металург останува да видиме.