Романски стратег доживеал срцев удар среде тренинг!

Тренерот на романскиот клуб Крајова, каде што настапува Елена Ѓорѓиевска, има големи здравствени проблеми. Богдан Буричеа, кој со Крајова минатата година го освои ЕХФ купот доживеа срцев удар среде тренинг.

На еден од последните тренинзи на Буричеа му се слошило, по што веднаш бил префрлен во болница со болки во градите. При прегледот лекарите утврдиле дека преживеал срцев удар и дека е неопходна итна операција за да му се вгради стент на срцето.

По операцијата, 46-годишниот тренер од болницата се заблагодари на целиот лекарски тим и особено на помошник тренерот во Крајова, Овидиу Каталин кој со својата брза реакција заедно со кардиологот му го спасија животот.

„Имав среќа што останав жив, ситуацијата беше многу тешка“, беше кратката изјава на Буричеа.

Ракометарките на Крајова својот следен натпревар го игра во Брашов во еден од одлучувачките дуели за излез во Европа, но ќе немаат поддршка од клупата од својот тренер.