Романија стана ветена земја за ракометарките: Наташа Антиќ потпиша за Дунареа Браила

По заминувањата на Дајана Јовановска и Елена Ливриниќ во Данубиус Галаци, како и потписот на Андреа Белеска за Валчеа, уште една ракометарка која до лани го носеше дресот на Металург, направи трансфер во се посилното романско првенство. Голманката Наташа Антиќ потпиша едногодишен договор и во следната сезона ќе го брани голот на Дунареа Браила.

„Потпишав договор на една година со Дунареа Браила и сум многу задоволна што ќе играм во Романија, кадешто лигата е исклучително силна. Клубот е одлично организиран, со високи амбиции што за мене претставува можност да напредувам во кариерата и да стекнам нови искуства. Посебно ме радува што сум одлично прифатена, а тоа ќе ми помогне за да се прилагодам без проблем и да дадам се од себе.“ – изјави Антиќ за 24ракомет.

Антиќ цели седум сезони го носеше дресот на Металург, а настапите во Дунареа ќе и бидат прво интернационално искуство.