„Рибарите“ ја уловија Чешка во финишот

Македонија победнички го стартуваше новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП во Хрватска 2018 година, откако ја победи Украина на домашен терен, а истото го стори и Исланд, кој во финишот го скрши отпорот на Чешка и ја победи со 25:24, во вториот натпревар од групата 4.

Домашните отворија со 2:0, но Чешка возврати за 2:2, а потоа беше 3:3, па 4:4, пред Јурка и Хрстка со серија од три голови да донесат гостинско водство со 7:4. За „рибарите“ тоа не беше проблем, па и тие возвратија уште поубедливо, со пет голови во серија за 9:7. Водството од два гола беше одржано до крајот на полувремето, на кое Исланд замина со предност од 12:10.

Во вториот дел преку Линхарт Чешка поведе со 15:13, но домашните вратија за 15:15. Потоа имаше дури 8 израмнувања до 23:23 во 54 минута. Здрахала, Линхарт и Хрстка промашуваа во следните напади, а Исланд казни преку Гунарсон и Палмарсон и во 57 минута поведе со 25:23. Хрстка намали на 25:24, Палмарсон промаши пенал и им даде шанса на Чесите за реми, но тие направија две грешки и победата остана за домашниот тим.

Најдобар во исландската репрезентација беше Валур Сигурдсон со 6 голови, додека кај следниот противник на Македонија се истакна Хрстка со 5 голови, Здрахала имаше 4, додека Јиха, Јурка и Линхарт дадоа по 3.