Раул: Против Бахреин со респект, но фокусирани сме само на победа!

Македонскиот селектор Раул Гонзалес видно задоволен по вчерашниот триумф над Јапонија, напоменува дека утре неговите момци ќе имаат уште потешка задача на дуелот со Бахреин. Арапската репрезентација има тотално различен начин на игра од Јапонија, па Раул Гозналес и неговиот помошник Парондо се наоѓаат пред ново искушение во однос на тактичките замисли со кои ќе му се спротистават на овој противник.

“Совладана е Јапонија а Бахреин е нашиот следен противник. Мислам дека треба да имаме ист пристап како на претходниот натпревар. Бахреин играше добро против Шпанија, дури во еден дел од второто полувреме имаа негатива од само три разлика со напад за минус два. Затоа треба да имаме почит за нашиот следен противник и не треба да се опуштаме. Против Јапонија одигравме одговорно и до крај, бидејќи мора да внимаваме и на разликата која може да биде доста значајна на крајот, посебно кога се игра во групи. Ние ќе бидеме подготвени максимално, ќе одиме чекор по чекор, и треба да бидеме фокусирани само на победа. Играта на Бахреин е различна од таа на Јапонија, станува збор за различен тип на ракометари. Доколку разликата биде како и на вчерашниот дуел јас ќе бидам задоволен.”- ги пренесе своите импресии за утрешниот дуел македонскиот селектор Раул Гонзалес.

Натпреварот помеѓу Македонија и Бахреин е закажан за утре (13.01.2018, недела)во Олимпијахале во Минхен со почеток од 14 часот.