Ракометот пак ќе се игра на отворено: Во Струга има подлога што ќе трае најмалку 10 години

Најголемиот проблем на меѓународниот ракометен турнир во Струга досега беше како да се обезбеди доволно квалиттена подлога н акоја може да се игра врвен ракомет и тоа на отворено. Токму тоа беше причина во минатото да нема квалитетни екипи кои не сакаат да ризикуваат и да ги повредат играчите.  Годинава првпат се игра на подлога за која сите учесници потврдија дека ги исполнува критериумите за играње.

Подлогата која беше монтирана минатиот викенд е мултифункционална. На неа може да се играат натпревари и во кошарка и во ракомет, но добра е и за играње на мал фудбал. Се работи за подлога изработена од полипропилен-кополимер кој е УВ стабилен. Дизајнот наликува на саќе, а се изработува во повеќе различни бои.

Фирмата која што го изработува дава гаранција дека на него без проблеми може да се играат средби во период од десет години, а притоа подлогата да биде изложена на сите временски услови. Материјалот издржува и многу ниски и екстремно високи температури, а нема проблеми ниту со дожд, снег… Отпорен е на вода, масло, бензин, како и на различни средства за перење. Конструирана е за да спречи прекумерно лизгање што праткичнозначи дека е намалена можноста од повреди, но поради еластичноста ги штити и мускулите и зглобовите.

Дури и доколку врне или има истурено вода нема закана од лизгање бидејќи материјалот од што е изработена подлогата тоа не го дозволува. Истиот истекува, и доволно е само пребришување на подот. Струга е првиот град кој доби ваква подлога која ќе може да се користи во текот на целата година. 

„Сакавме да го финишираме успешно и навремено овој проект со теренот во Струга за да може уште годинава натпреварите да се играат на оваа мултифункционална подлога. Успеавме во тоа и драго ми е што ракометарите имаат можност да видат како е да се игра на неа. Подлогата е исклучиво за на отворено. Во план е да ставиме ваква подлога и на други терени низ земјата, но прво мора да видиме каде тоа ќе биде најсоодветно. Сакаме да видиме како ќе се одвиваат работите. Сакаме терен кој се користи максимално и е од општо добро за сите. Целта е теренот да се користи речиси во текот на целата година“, вели за 24 Ракомет, менаџерот на Моцарт за Македонија, Васко Илијевски.

Тој потврдува дека ќе има вакви терени и во други места низ земјава, а пред сè ракометот е тој кој е причината за почеток на ваквиот проект.

„Нема дилеми дека ракометот е спорт број 1 во Македонија. Имаме големи успеси во него и затоа Струшкиот турнир беше одбран за почеток. Успеавме во тоа и сега можеме да уживаме во убави натпревари“, коментираше Илијевски.

Засега нема точна бројка колку терени ќе добијат ваква подлога во Македонија, но сигурно дека ќе бидат неколку.