Ракометниот свет загуби надежен талент

Белоруската ракометна јавност е во шок по веста дека, младиот и перспективен ракометар, Роман Лукашук почина во неделата на 23 годишна возраст. Утрото на 7 септември тој бил примен во ургентниот центар со повреда на ‘рбетниот столб, со која се здобил на излез од ноќен клуб. Докторите се бореле за неговиот живот седум дена, за жал по сите напори тој не преживеа.
Белорускиот репрезентативец и член на ракометниот клуб СКА Минск имаше пред себе ветувачка кариера, со својот клуб го освои Челинџ купот во 2012/13, а селекторот Јури Шевчов и репрезентацијата на Белорусија ја гледаа ракометната перспектива во него.
На последното интервју за официјалниот сајт на тимот на СКА Минск, десното крило Роман ја открил својата најголема желба- да заигра во финалето на Лигата на шампиони.
Неговите соиграчи за него велат дека ракометот го гледал како начин на живот и имал желба да работи напорно за да ја постигне целта.
Благодарение на залагањето и посветеноста тој можеше да прерасне во голем ракометар да не го спречеше во тоа трагичната судбина.
Неговата ракометна приказна прерано заврши, а ракометниот свет ќе ги оддаде последните почести на Лукашук утре, во Брест од каде што започна неговата кариера.